Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес во МВР имаше средба со амбасадорот на Република Албанија во нашата земја, Фатос Река, на којашто меѓудругото, беше констатирано дека соработката меѓу македонската и албанската полиција е евидентна на повеќе нивоа, меѓутоа секогаш има простор за нејзино натамошно продлабочување и унапредување.
Министерот Спасовски се осврна на генералните релации помеѓу двете земји, оценувајќи дека тие се постојано во духот на добрососедството и евратлантските интеграции. Тој изрази задоволство од ефикасноста на низата билатерални договори потпишани меѓу македонското и албанското МВР.
Исто така, министерот Спасовски истакна дека МВР е подготвена и отворена за соработка кон сите соседни држави меѓу кои и Република Албанија и во областа на внатрешната безбедност односно борбата против сите видови на криминал особено организираниот криминал со наркотици, трговија со луѓе, оружје и тероризмот кои претставуваат голема закана како за државите од регионот така и во глобални рамки.
Амбасадорот Река се заблагодари за гостопримството, истакнувајќи дека соработката што ја имаат двете Министерства е на високо ниво, и дека МВР на Албанија е отворена за продлабочување и понатамошно зајакнување на истата, особено во изработка на зеднички проекти за која постои и политичка и оперативна волја од двете страни. Покрај ова тој високо го оцени и справувањето на Република Македонија со бегалската криза, укажувајќи дека се свесни за опасноста од поголеми импликации што истата во иднина може да ја има врз неговата земја и во тој правец истакна дека е добредојдена секаква помош базирана на искустватата на Република Македонија.