Се реализира проектот за реконструкција на 10 железнички станици

Во процесот на реконструкцијата и реновирањето на најголемата скопска железничка станица, државата е насочена и кон помалите железнички станици. Во соработка со ЕУ, над 2 милиони евра се вложуваат за комплетна реконструкција на станиците во кои претходно не било инвестирано со децении.

Со овој проект се врши целосна реконструкција и надоградба на сите главни елементи на железничките станици, како што се водоводната и електричната инсталација–вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, санитариите, инсталација на системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста. Во рамките на проектот, меѓу останатото ќе бидат целосно заменети крововите, подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети. Посебно внимание при реализирањето на овој проект ќе се обрати на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност.

Работите се одвиваат согласно планот и предвидената динамика, и нив во ноември ги најави премиерот Груевски.

„Паралелно на тоа не ги заборавивме и македонските железнички станици, кои исто како и возовите, беа заборавени во минатото. Скопската железничка станица е веќе реновирана, а започна реновирањето и на железничките станиц во Велес, Градско, Демир Капија, Табановце и Прилеп“, рече премиерот Груевски на 15-ти ноември минатата година.

Во рамки на реконструкцијата постепено се воведуваат во работа железничките станици и по воведувањето интензивно се преземаат паралелни градежно технички работи на сите објекти.

Во овој момент се работи на железничките станици во Велес, Прилеп, Демир Капија и Градско, каде што веќе има над 50% реализација на вкупните градежни работи, а на станицата во Табановце која е последна почната се завршени над 20% од градежните работи.

Останатите станици се воведуваат во градба согласно плановите и проектот продолжува и во оваа година.

„Од скоро е започнато со градежните работи за конструкција на железничката станица во Неготино, по што наскоро ќе следува и воведување во градежни работи на останатите две железнички станици во велешкиот округ, тоа се во Богомила и Чашка и последни од овој проект ќе биде започнато со градежните работи во железничките станици во Битола и Гевгелија, каде што треба да се комплетираат определени процесни претпоставки. Работите одат добро, со предвидената динамика, ветувањето се исполнува и основна цел на овој проект е подобрување на условите за транспорт на граѓаните на Република Македонија и ние тоа го правиме. Во следниот период ќе продолжиме и со овој проект и со останатите проекти кои нудат зголемена корисност и добри ефекти за граѓаните и во железничкиот и во патниот сообраќај“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Освен овој проект Владата инвестира и во подобрување на останатите елементи од железничкиот сообраќај. Беше извршена набавка на нови 150 товарни вагони за што беа инвестирани над 14 милиони евра, а пред некое време пристигна и првиот нов најмодерен воз, кој е дел од проектот за обезбедување на нови 6 возови за што се вложуваат над 25 милиони евра. Обезбедени се средства и се работи и на изградба на железничката пруа кон Бугарија.