Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски оствари средба со Шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција, Н.Е. Амбасадорот Харис Лалакос.
Министерот Спасовски и Амбасадорот Лалакос изразија задоволство од подобрувањето на меѓусебната комуникација и соработка, пред сè соработката меѓу полициските службеници на двете држави во однос на справувањето со ситуацијата со мигрантите. Притоа, беше особено истакната заложбата и намерата за уште поголемо продлабочување на соработката.
Во насока на подобрување на комуникацијата помеѓу двете земји, но и за поуспешно справување со кризата, беше нагласена потребата за продлабочување на соработката на сите нивоа, која што беше започната минатата година со донесувањето на активните мерки за градење доверба помеѓу двете држави.
Особен акцент беше ставен и на моменталната ситуација со миграциската криза, каде што двајцата соговорници се информираа за тековната ситуација од двете страни, но и за планираните активности по однос на тоа прашање.