УНИЦЕФ започнува апел за помош од 2,8 милијарди долари заради досегање до 43 милиони деца во хуманитарните кризи низ светот.
За првпат во историјата, најголемиот дел од помошта – 25 отсто – ќе биде насочен кон образованието на децата во вонредни ситуации. Оваа година УНИЦЕФ планира драматично да го зголеми бројот на децата во кризи кои ќе добијат пристап до образование – од 4,9 милиони на почетокот од 2015 година, на 8,2 милиони во 2016 година. Повеќе од половината – 5 милиони – ќе бидат сириски деца во самата земја или во соседните земји.
„Милиони деца се лишени од образование“, вели Афшан Кан, директор на програмите за вонредни ситуации на УНИЦЕФ. „Образованието е мерка што може да им го спаси животот на децата, давајќи им можност за учење и игра, сред крвопролевањето од огнено оружје и гранати. Оваа година, една четвртина од нашата помош ќе биде посветена на образование. Со образувањето на детските и младите умови, ние градиме надеж тие да видат подобра иднина за себе, за своите семејства и општества, и да помогнат да се прекине кругот на хронична криза.“
Помошта на УНИЦЕФ за 2016 година се удвои од овој период пред три години. Комбинираните вооружени судири и екстремни временски услови принудуваат сè повеќе деца да го напуштат домот, а уште милиони повеќе се изложени на сериозен недостиг на храна, насилство, болести, злоставување, како и на закани за нивното образование.
Околу 1 од 9 деца во светот сега живеат во зони на конфликт. Во 2015 година, децата кои живеат во земји и подрачја погодени со конфликт беа изложени на двапати поголем ризик од смрт пред навршена петгодишна возраст поради причини кои главно може да се спречат, од оние во другите земји.
Климатските промени се сè поголема закана, при што над половина милијарда деца живеат во зони со екстремно висока појава на поплави, а речиси 160 милиони живеат во зони со екстремни или големи суши. Една од најопасните временски појави, Ел Нињо, претставува дополнителен ризик.
Бројот на луѓе принудени да го напуштат домот продолжува да расте, при што во 2015 година, само Европа прими повеќе од 1 милион бегалци и мигранти.
„Во изминатите неколку месеци, со свои очи видов деца притиснати над сите граници на човечкото страдање во Бурунди, североисточна Нигерија и долж бегалско-мигрантската рута во Европа“, вели Кан. „Во светот, милиони деца се принудени да ги напуштат своите домови поради насилство и конфликти. Глобалната бегалска криза, исто така е и криза за заштитата на децата во движење, кои се изложени на зголемен ризик од злоупотреба, експлоатација и трговија со луѓе.“
Апелот на УНИЦЕФ за хуманитарна акција за децата во 2016 г. има за цел досегање до вкупно 76 милиони луѓе, во 63 земји.
· Најголемиот дел од помошта – 1,16 милијарди долари – се доделува за помош потребна за спасување на животот во Сирија и за сириската бегалска криза во Египет, Ирак, Јордан, Либан и Турција. Клучните потреби вклучуваат безбедна вода, имунизација, образование и заштита на децата.
· УНИЦЕФ бара 30,8 милиони долари за да одговори на кризата со бегалците и мигрантите во Европа.
· УНИЦЕФ бара 180 милиони долари за децата во Јемен, каде речиси 10 милиони деца имаат итна потреба од хуманитарна помош во конфликтот од кој веќе изминува првата година.
· УНИЦЕФ апелира за 25,5 милиони долари заради заштита на децата во Бурунди, една од најсиромашните земји во светот, како и заради обезбедување помош за Бурундиските бегалци кои избегале во Руанда и Танзанија.
· УНИЦЕФ бара 188,9 милиони долари за одговор на хуманитарните потреби во Нигерија, Камерун, Нигер и Чад, вклучувајќи и за решавање на последиците од насилството во североисточна Нигерија.
Апелот на УНИЦЕФ ги опфаќа и вонредните ситуации за кои недостигаат многу средства – вклучувајќи ги и долготрајните кризи во Авганистан, Демократска Република Конго и во Судан, за кои во 2015 година, беа добиени помалку од 40 проценти од средствата.
Средствата собрани од УНИЦЕФ ќе се искористат за итен хуманитарен одговор, како и за подолгорочна работа на подготовка на државите за идни катастрофи.
Во 2015 година, УНИЦЕФ досегна милиони деца со својата хуманитарна помош – при што за 22,6 милиони луѓе обезбеди пристап до безбедна вода, вакцинација од мали сипаници за 11,3 милиони деца, лекување за 2 милиони деца од најтешкиот облик на потхранетост, витална психолошка поддршка за 2 милиони деца и пристап до основно образование за 4 милиони деца.