Лицата со ниски примања нема потреба да доаѓаат во Фондот за пререгистрација за остварување на право на здравствено осигурување

На почетокот на секоја година се објавуваат податоците за висината на просечна и минимална плата од Државниот завод за статистика. Согласно законот за социјални придонеси, Фондот ги објавува лимитите за остварени приходи поради потребата од пререгистрација за лицата со ниски примања, со цел да имаат континуитет во здравственото осигурување. Бидејќи за минатата година има зголемување на висината на минимална плата, што е еден од параметрите за зголемување на законскиот лимит, годинава има поголеми лимити за здравствено осигурување, согласно нето приходот на осигуреникот кое го има остварено како семејство во 2015 година, информираат од ФЗОМ.

„Секоја година во периодот од 1 февруари до 31 март, лицата со ниски примања беа обврзани да дојдат да дадат изјава на шалтерските служби во Фондот, со цел да го продолжат правото на здравствено осигурување кое им го покрива државата преку Министерството за здравство. Во 2015 година направивме измени на овој закон и изработивме систем за автоматска пререгистрација на лицата со ниски примања. Податоците за висината на нето приходите ги добиваме од Управата за јавни приходи бидејќи сме софтверски поврзани и вршиме размена на податоци на дневна основа.

Оваа година продолжува автоматската пререгистрација и затоа сакаме да ги известиме лицата со ниски примања, кои во минатата година оствариле нето приход под 115.080 денари дека нема потреба да дојдат во подрачната служба на Фондот да се пререгистрираат и нивното здравствено осигурување автоматски ќе се продолжи. Да информираме дека лимитот според кој граѓаните го остваруваат ова право бележи континуиран раст од 96,600 денари во 2014 година до 115.080 денари денес, што е последица на растот на минималната плата.“- велат од ФЗОМ.

Исто така, Фондот автоматски ќе ги пререгистрира и лицата кои последните два месеци од 2015 оствариле приход помал од 19.180 денари, а се во категоријата на осигуреници кои оствариле приход од 115.080 до 193.608 денари минатата година. Другите две категории осигуреници кои плаќаат 50% или 100% од здравствениот придонес на просечна плата, ако се во рамките на лимити 115.080,00 денари до 193.608,00 денари, исто така не е потребно да дојдат да се пререгистрираат на шалтерите на подрачните служби на Фондот.

На осигурениците на кои автоматски ќе им се продолжи здравственото осигурување, нема да добиваат нови решенија по пошта. Лицата на кои нема да им се продолжи здравственото осигурување поради повисоки приходи од наведените лимитие ќе добијат решение по пошта и ќе треба да дојдат во подрачната служба да го регулираат своето здравствено осигурување.

Лицата кои ова право не го искористиле и не се во базата на Фондот, а се во овие категории на приходи потребно е да одат и да се пријават на шалтерите во подрачните служби на Фондот. Исто така и лицата кои првпат поднеле пријава за здравствено осигурување во текот на месец јануари потребно е да одат на шалтерите во Фондот да поднесат повторно пријава, согласно сегашните објавени законски лимити, бидејќи истите за 2015 се зголемени и да го осигураат правото. Бројката на лица кои поднеле прво барање во јануари и изнесува 3.374 лица и истите потребно е да одат и да се пререгистрираат. Воедно и лицата кои имаат промена во висината на нето приходите, потребно е да одат во подрачните служби на Фондот од 1 февруари до 31 март оваа година и да донесат документи за нова пререгистрација.

Од ФЗОМ потенцираат дека како приходи на семејство се сметаат личните и приходите на членовите на носителот на здравственото осигурување ( брачен другар, деца).

Новите лимити за здравствено осигурување согласно нето приход остварен во 2015 година изнесуваат:

– До 115.080,00 денари – здравстеното осигурување е на товар државата, односно Министерството за здравство плаќа придонес за здравствено осигурување; зголемувањето оваа година на законскиот лимит на оваа категорија во споредба со минатата е 9,480 денари.

– Од 115.080,00 денари до 193.608,00 денари ако во последните два месеца оствариле вкупен приход помал од 19.180,00 денари – здравственото осигурување е на товар државата, односно Министерството за здравство плаќа придонес за здравствено осигурување; зголемувањето оваа година на законскиот лимит на оваа категорија во споредба со минатата е 9,480 денари.

-Од 115.080,00 денари до 193.608,00 денари – здравственото осигурување го плаќа осигуреникот во износ од 50% на просечната плата односно, плаќа 1.178,00 денари месечно придонес;

-Над 193.608,00 денари – здравственото осигурување го плаќа осигуреникот во износ од 100% на просечната плата односно плаќа 2.356,00 денари, месечно придонес.

Фондот континуирано врши проверка на електронски добиените податоци од УЈП за нето приходите на осигурените лица на ниво на семејство и доколку утврди дека осигуреното лице спаѓа во друга категорија со повисоки приходи, а не пријавило дека има приходи и користело здравствени услуги, Фондот по службена должност ќе донесе решение за престанок на својството на осигурено лице, со што му се укинуваат правата од задолжителното здравствено осигурување, освен правото на итна медицинска помош.

За сите подетални информации поврзани со Проектот за регистрација/пререгистрација на невработените лица, осигурениците може да се обратат на бесплатната инфо линија 080033222 или на мејот: info@fzo.org.mk како и на веб страницата www.fzo.org.mk во делот на пререгистрација на лица со ниски примања.