Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во опсежно интервју за Вол Стрит Журнал, навестува дека постојат три можни сценарија за развој на состојбата со бегалската и мигрантската криза. Според Попоски, најдоброто сценарио останува планот А, а тоа е да профункционираат центрите кои Европската Унија се подготвува да ги отвори на грчките острови, да се засили соработката меѓу Грција и Турција за обезбедување на нивната граница, и на тој начин да се намали приливот на бегалците. Прашан за иницијативата на се поголем број држави од средна Европа Македонија да ја затвори својата граница со Грција за бегалците, Попоски додава дека тоа е полошо и непосакувано сценарио, но не е најлошото можно сценарио.
„Сите се надеваме на планот А, но сите воедно размислуваме што ќе се случи доколку тој план не успее. Се надевам дека нема да се случи најлошото сценарио. Но, работите се развиваа толку драматично во текот на минатата година, што натамошниот развој на настаните е сосем непредвидлив”, вели Попоски. Запрашан дали Македонија се подготвува за поставување на жичена ограда на границата со Грција, по примерот на оградата што Унгарија ја постави на својата јужна граница, и дали дел од решението е Грција да се изолира од остатокот на Европа и да се исфрли од Шенгенскиот договор, Попоски вели дека за Македонија тоа не е посакувано решение имајќи ја предвид македонската трговска и туристичка размена со Грција, но дека тоа не е најлошото можно сценарио.
„Најлошото сценарио е да не направиме ништо, и секоја земја членка да почне самата да ја оградува својата граница. Тоа ќе биде катастрофа за Европа и за европскиот проект. Ова сценарио за кое вие прашувате (во однос на Грција) може да се опише како второто најлошо можно сценарио. Ние се уште се надеваме на најдоброто сценарио“, вели Попоски за Вол Стрит Журнал.
Најавите дека од Македонија ќе биде побарано да го запре текот на бегалците на својата јужна граница, и на тој начин да помогне да се спречи натамошно разградување на европските договори за слободно движење, веќе секојдневно доаѓаат од земјите од средна Европа, чии лидери јавно повикуваат на изолирање на Грција откако оваа земја не успеа да ја обезбеди својата долга морска граница со Турција. Раководствата на земјите од Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) застанаа зад оваа опција, а тоа го сторија и Австрија и Словенија. Словенечкиот премиер Миро Церар во писмо упатено до лидерите од регионот и од Европската Унија посочи токму на најлошото можно сценарио кое го наведува и министерот Попоски, и апелираше со зацврстување на една граница, таа меѓу Македонија и Грција, да се спречи натамошното суспендирање на Шенгенскиот договор и кревањето на жичени огради низ остатокот на Европа.
Запрашан за можност Грција да биде претворена во масовен бегалски камп, Попоски вели дека за Македонија не е добро да има ваков развој на настаните во своето соседство. Но, Попоски додава дека, доколку земјите северно од Македонија го запрат протокот на бегалците, или воведат квоти како што тоа го стори Австрија која рече дека во 2016 година ќе прими максимум 37.500 мигранти, Македонија ќе мора да реагира соодветно. “За нас најголемиот страв е затворање на северните граници. Ако имаме 6-7 илјади влегувања секој ден, како што се случуваше при врвот на кризата во 2015 година, тоа ќе значи 70.000 луѓе во 10 дена, или 20 проценти од нашето население во рок од два месеци. Тоа е драматична ситуација. Тоа би било катастрофално сценарио”, вели Попоски.
Во интервјуто за Вол Стрит Журнал, министерот Попоски вели дека македонската граница со Грција е неспоредлива со рамничарската унгарска јужна граница. Попоски потсетува дека македонската јужна граница има шуми, планини и езера, и не може во целост да се затвори, но сепак е можно да се засили нивото на гранична соработка и да се поттикнат мигрантите и бегалците да ги користат одобрените гранични премини. Попоски вели дека илегалното минување на македонско-грчката граница значително се намалило во изминатите месеци, и покрај тоа што се уште се случува групи бегалци од земји на кои не им е овозможено минување, како на пример од африканските држави, да бидат откриени 60-ина километри длабоко на македонска територија.
Запрашан од Вол Стрит Журнал дали е можно соработката во врска со бегалската криза да ја поттикнат блокираната македонска кандидатура за членство во НАТО и во Европската Унија, Попоски вели дека Македонија би била наивна да се надева на такво нешто, додавајќи дека Македонија и досега била подготвена за соработка, но тоа сепак не помогнало да се надмине правилото на едногласно одлучување во овие две институции. Попоски посочува дека Македонија се соочува со дополнителни проблеми во размената на информации со европските земји поради тоа што не е членка на ЕУ, како и дека комуникацијата со Грција се подобрила од почетокот на бегалската криза, но двете земји сепак имаат различни цели – Грција сака што побргу да испрати што е можно повеќе мигранти надвор од својата територија, додека Македонија сака да го намали бројот на илегални минувања на границата.