Охрид СОС: Општина Охрид го протуркала проектот „Медитеранска плажа во Лагадин“ замаскиран како поставување урбана опрема!

Фрапантно и отворено незаконско однесување од страна на државните институции и покрај официјалниот приговор против градење медитеранска плажа што го потпишаа 99% од сопствениците на имоти во с. Лагадин, а МЗ Лагадин го достави до Општина Охрид уште во мај минатата година!

Отпорот од јавноста ја принуди Општина Охрид на најподмолен начин да го расцепка некогашниот проект за морска плажа на езеро и перфидно и незаконски да го протурка како поставување урбана опрема. Со оваа процедура се избегнуваат и потребните градежни дозволи, како и водостопанската дозвола што претставува чиста манипулација со правото и противзаконско избегнување на учеството на јавноста. Дали Министерството за животна средина и просторно планирање е запознаено со сево ова и дали стои зад ова и го поддржува?

Со ова однесување, носителите на одлуки повторно, по којзнае кој пат, ја покажаа својата посветеност кон немилосрдното силување на граѓанските права и усвојувањето одлуки кои се во целост спротивни на желбите и потребите на граѓаните.

Ја потсетуваме Општина Охрид дека на плажата Лагадин минатата година во екот на туристичката сезона се излеа колекторот и предизвика страшен стомачен вирус кај огромен број домашни и странски туристи. И ова се случува секоја година. Дисфункционалниот колекторски систем е горлив проблем за Охрид и врвен приоритет. Наместо буџетот на општината рационално и домаќински да се насочува кон ваквите суштински проблеми, надлежните безобѕирно се расфрлаат со парите на граѓаните усмерувајќи ги кон финансирање на популистички проекти. Ваквите проекти запакувани во нивните светкави машнички лажно ја наведуваат јавноста дека се прават за нејзино добро кога навистина се прават за нечии финансиски интереси и лично богатење. Надлежните ја манипулираат јавноста со изјави од типот „медитеранска плажа со морски песок ќе го спаси туризмот во Охрид“, но вистината е дека туристите кои доаѓаат во овој дел од Охрид се приврзаници на активниот туризам или се семејства и постари лица кои дошле по малку мир и тишина за вистински да се одморат. Ваквите „проекти“ само би ги урнале напорите на туристичките кластери и асоцијации да привлечат туристи заинтересирани за активен туризам кои во просек трошат двојно, па и тројно повеќе пари во споредба со туристите приврзаници на масовниот туризам.

Понатаму, за да се реализира проектот „морска плажа на езеро“ треба да се исече стотици метри појас трска каде што се гнездат лебеди (симболот на Охрид!) и се мрестат крапови. На 100 метри трска се гнездат само по 3 парови лебеди! Уништувањето на трската може да придонесе лебедите засекогаш да го напуштат езерото како екосистем. Во проектот Регистрација на појасот на трската како основа за понатамошно следење на состојбите во Охридското Езеро спроведен од Хидробиолошкиот завод во 2012 г. стои: „При какво било планирање за интервенција врз и во близина на овој појас на трската од езерото ве потсетуваме дека имате обврска да формирате надзорно тело што ќе го сочинуваат соодветните научни институции, ресорни министерства и стручните служби од Општина Охрид (вклучувајќи претставници од ЈНУ Хидробиолошки завод). Не заборавајте ја и обрската за јавна дискусија и консултација со јавноста при одлучување на иднината за јавните добра како што е питката вода на Охридското Езеро“. Во истиот документ се вели и дека: „Охридското Езеро е заштитено подрачје во категоријата Споменик на природата и затоа задолжително е да се води сметка за заштита на биодиверзитот (растителен и животински), зачувување на природните пејзажи и естетски вредности на крајбрежниот регион, односно за заштита на природното наследство. Трската, како исклучително важен дел од Езерото, е под посебна заштита со: Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, Законот за заштита на природата, Законот за рибарство и аквакултура на Р.М., Законот за заштита на природни реткости, Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата, Законот за животна средина и Законот за води“. Задолжително е за секоја планирана сеча на трската да се земе потпис од МЖСПП – Управа за животна средина – Одделение за природа.

Заменувањето на крајбрежната флора со неавтохтони видови кои го пореметуваат сложениот езерски екосистем и ги поттикнуваат наместо да ги спречуваат климатските промени, ќе биде уште еден низок удар за животната средина во пределот.

Градењето платформи во езеро значи неизбежно вознемирување и уништување на локалната (ендемична) флора и фауна, зголемување на отпадните и штетни материи во езерото, како и трајно нагрдување на пејзажот. На страница 206, дел 4.5 Платформи за разни манифестации, презентации на копно и на водна површина во „Службениот гласник“ на Општина Охрид бр. 14 од 25 декември 2015 г. стои: „Платформа над водна површина за поставување на урбана опрема (“плажа Лагадин”), графички прилог бр. 34 (НЕДЕФИНИРАНА ПОВРШИНА); Платформа над водна површина од околу 1000 м2 за поставување на урбана опрема – лежалки и надстрешници (“плажа Лагадин”), графички прилог бр. 34“. Прашуваме, каква е таа „урбана опрема“ што зафаќа површина од 1000 м2 и тоа во вода?! Како и според кои закони е ова дозволиво?! Илјада квадратни метри во вода не се никаков „времен објект“, тие претставуваат трајно и неповратно уништување на тој дел од Езерото!

По Дојран и Стење, плажата Лагадин е трета на листата за отстрел. Предвидениот проект не е во согласност со теренот. Плажата предвидена со проектот е за брег кој има доволна ширина. Овде ширината на брегот не е повеќе од пет метри и предвидениот проект ќе мора да се изведе со вештачки насипи во вода што се граничи со лудило. Ќе го претвориме ли и Лагадин во уште еден од „капиталните проекти“ како оние спроведени во Дојран и Стење со неугледни метални конструкции поставени во водите на езерата што го деградираат пејзажот, со пешачки патеки во должина од стотина метри направени колку да се рече и без никаква корист за месното население – парите потрошени, а од ветуваните резултати ни трага ни глас?!

Изгледа градоначалникот Бакрачески заборави дека на еколошкиот настан организиран по повод Денот на Планетата Земја на градскиот плоштад во Охрид изрази јавна заложба за „приоритизирање на проекти кои ќе го зачуваат квалитетот на водата во Охридско“. И дека, меѓу другото кажа „Во тој контекст грешките од минатото мора да бидат патоказ за иднината, во која треба да го овориме срцето кон природата и да се заветиме дека ќе ја чуваме“. Дали „таткото на градот“ бесрамно ги лаже оние кои го гласаат? Дали МЖСПП се согласува со носителите на одлуки во Општина Охрид? Дали МЖСПП во иднина би ја презело обврската за контрола на штетите и кој конкретно ќе треба да одговара за понатамошните штети кои може да бидат неповратни? Дали ова значи дека МЖСПП го поддржува уништувањето на Охрид? Дали владата на РМ работи во интерес на јавното загадување и уништување на нашето светски признато богатство?!

Нивните јавни обраќања велат едно, но нивните постапки покажуваат друго. Со проектот „морска плажа на езеро“ се прекршуваат најмалку 10 закони и 8 меѓународни конвенции. Колку чини вашиот мотив да форсирате напредување на овој проект против волјата на народот, против волјата на природата и против фактите на науката?! И дали тој мотив е повреден од непроценливата вредност на едното единствено Охридско Езеро?!

МЗ Лагадин изминатата година во повеќе наврати доставуваше барања за увид во ДУП и планската документација за изградба на плажа во Лагадин, барања за записници од седниците на Советот на кои се носеа ваквите одлуки, но сите овие барања, како и приговорот против изградбата на морска плажа на езеро, останаа комплетно игнорирани од надлежните.

Врз основа на горенаведените причини МЗ Лагадин ќе поднесе жалба поради невклучување на јавноста во донесувањето на оваа одлука. Дополнително, ќе започне постапка пред Државниот управен инспекторат поради игнорирање на барањата за уставно-загарантираните права на учество во донесување одлука.

За жал, со секоја наредна штетна активност од страна на носителите на одлуки во Охрид станува повеќе од јасно дека нив не ги интересираат ни природата ни убавината на Охрид; станува повеќе од јасно дека ова се прашања што не може да се решат институционално; станува повеќе од јасно дека начините за решавање на ваквите прашања се сè поограничени.

Затоа ние, активистите на граѓанската иницијатива Охрид SOS, ве повикуваме вас, граѓаните, да ни се придружите во претстојните активности што ќе ги преземеме за спречување на овие штетни проекти!

Ве повикуваме да ни се придружите за заедно да им се спротивставиме на тие кои можеби му ја знаат цената на Охрид, но поим немаат која му е вредноста!

Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид SOS

Месна заедница Лагадин

*На наредните две страници продолжува Прилог 1: Белешка за уредникот со таксативно наведување на сите закони и меѓународни конвенции што се кршат со реализацијата на овој проект.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИКОТ

I) Прекршени закони:

1. Член 4 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање каде што експлицитно е наведено дека начелата во процесот на планирање и уредување на просторот налагаат, меѓу другото, јавност во постапката за донесување и спроведување на планската документација;

2. Законот за управување со светско природно и културно наследство во охридскиот регион

3. Со платформите што се планира да се инсталираат внатре во езерото се крши Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро во кој се вели дека ваквата активност ќе значи директно прекршување на целите за заштита на езерата од член 3 од овој закон, а во член 7 од истоимениот закон се вели дека заради заштита на езерата се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерата. Прекршување на овој Закон има и со предвиденото сечење на трската за да се изгради морската плажа;

4. Законот за заштита на природата;

5. Законот за заштита на природни реткости;

6. Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата;

7. Законот за животна средина;

8. Законот за води;

9. Законот за рибарство и аквакултура на Р.М.;

10. Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро и на неговиот слив, а особено член 3, став 1 каде што дел од обврските на Р. Македонија и Албанија се: (в) заштита на биолошката разновидност, особено преку заштита на ендемичните, ретките или загрозените видови на флората и фауната; (г) спречување на интродукцијата и одгледувањето на неавтохтони животински и растителни видови; (ѓ) избегнување на секаква деградација на културните вредности или на природните предели; (е) спречување и контрола на економските активности кои предизвикуваат или можат да предизвикаат негативни влијанија во сливот на Охридското Езеро; и став 2 од истиот член каде што се налага секоја страна (б) да изврши целосна и ефективна реализација на процедурални права во својот национален правен систем (пристап до информации од областа на животната средина, учество на јавноста и пристап до правдата за прашања поврзани со животната средина)

II) Прекршени меѓународни конвенции

1. Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство

2. Конвенцијата за биолошка разновидност на ОН

3. Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење за заштита на водните птици (Рамсарска Конвенмција)

4. Конвенцијата за оценка на влијанијата врз животната средина во прекуграничен контекст (Еспо Конвенција)

5. Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во донесувањето одлуки и пристап до правдата во случаи поврзани со животната средина (Архуска Конвенција)

6. Конвенцијата за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа (Бернска Конвенција)

7. Конвенцијата за заштита на миграторните видови диви животни (Бонска Конвенција).

Документ

Lagadin-208 Lagadin-207 Lagadin-205 Lagadin-204

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.