Нова серија на научни трудови штотуку издадени од Лансет обезбедува докази дека подобрувањето на практиките на доење може да го спаси животот на над 820.000 деца годишно, при што 9 од 10 од нив се доенчиња на возраст под 6 месеци.
Поинтензивното доење може да спречи речиси половина од епизодите на дијареја и една третина од респираторните инфекции – две водечки причини за смртност кај децата под 5-годишна возраст.
Научните трудови на Лансет, исто така, покажуваат дека со секоја година на доење, ризикот кај мајката да развие инвазивен рак на дојката се намалува за 6 отсто. Сегашните стапки на доење веќе спречуваат речиси 20.000 смртни случаи од рак на дојката секоја година, бројка што може да се удвои со подобрување на практиките на доење. Подолгиот период на доење е поврзан и со намалување на појавата на рак на јајниците.
„Инвестирањето во доењето има значително влијание врз здравјето на жените и децата и врз економиите како на богатите, така и на сиромашните земји“, рече шефот на УНИЦЕФ за исхрана Вернер Шултинк. „Серијата обезбедува клучни докази за тоа дека доењето е камен-темелник за преживувањето, здравјето, растот и развојот на децата, и придонесува за попросперитетна и одржлива иднина“.
Серијата на Лансет ги потврдува животоспасувачките придобивки од доењето за жените и децата во земјите со низок, среден и висок доход, вели УНИЦЕФ.
Доењето ја намалува смртноста кај децата во земјите со висок доход. Тоа е поврзано со намалување од 36 отсто на случаите на ненадејна смрт кај доенчињата и со речиси 60-отстотен пад на најчестите цревни болести кај недоносените доенчиња. Детето што се дои подолго има и намален ризик од добивање прекумерна тежина или од дебелина подоцна во животот.
Серијата на Лансет открива дека губењето на когнитивните способности поврзано со недоење, а што влијае врз потенцијалот за заработување, изнесува 302 милијарди долари годишно. Земјите со низок и среден доход губат над 70 милијарди долари годишно, додека земјите со висок доход губат над 230 милијарди долари годишно поради ниската стапка на доење.
УНИЦЕФ соопшти дека големиот број предности во врска со здравјето на мајките и децата, како и со потенцијалните економски придобивки, треба да ги поттикне владите да воведат политики и програми за заштита, промовирање и поддршка на доењето.
Ова е особено важно за вработените мајки. Иако предвременото враќање на работа ги намалува шансите на мајката да дои, во околу 60 отсто од земјите, породилното отсуство не стигнува до препорачаниот минимум на МОТ од 14 недели платено отсуство. Кога доилките ќе се вратат на работа, на нивните работни места нема погодости за тие да дојат или да се измолзуваат.
Шултинк од УНИЦЕФ го повтори заклучокот на Лансет дека подобрувањето на стапките на доење е основен двигател при постигнувањето на повеќе од Целите за одржлив развој, особено на оние поврзани со здравјето, опстанокот и образованието на децата.
„Доењето е најприроден, најекономичен, најеколошки и најлесно достапен начин што го знаеме за на сите деца, богати или сиромашни, да им обезбедиме најздрав почеток на животот,“ – рече тој. „Со него сите се победници и затоа треба да стане приоритет“.