Европа не е подготвена да има уште една година како 2015. Политичкиот притисок е сериозен и кај земјите на прием на мигранти, но и во тие по патот. Има одлучност да се стават во функција сите средства за да се контролираат мигрантските текови, со прием и регистрирање на основаните баратели на азил, но и спречување на нелегалната миграција. Грција и Македонија се на ударната линија во овие напори. Од тоа како ќе се справуваме, ќе знаеме уште во првиот квартал од 2016 каква ќе биде годината, ќе знаеме и кој ќе биде трендот.
Ова, како што соопшти МНР, го истакнал шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во обраќање на вториот неформален министерски состанок на ПСЈИЕ што се одржа во Софија, на кој главна тема беше миграцискиот предизвик со кој се соочува Европа.
На министерскиот состанок под бугарско претседателство е искажана поддршка за македонските напори за справување со кризата, како и заложба за тесна соработка.
„Чувме многу конкретни и мудри предлози за помош на Македонија во луѓе, опрема и финансии од земји во регионот. Сето ова е во насока на помагање на нашите напори за контрола на границата и обезбедување сигурен и хуман транзит на основани баратели на азил во ЕУ. Се чини дека се размислува во вистински правец“, заклучил Попоски.
На ПСЈИЕ министерскиот состанок се говорело и за евроинтеграциите и важноста за земјите членки на ЕУ од регионот да бидат мотор на регионалните интеграции, особено во услови на бројни предизвици и закани за европскиот проект.
Според Попоски, за Македонија најважно е тие што ни се најблиски да ни дадат најсилна поддршка кон ЕУ и НАТО. – Без нив не е само тешко туку речиси невозможно . Затоа ќе работиме со нашите соседи на зближување без разлика колку брзо ќе се движи ЕУ и НАТО планот за интегрирање на останатите земји од балканот. Тоа ни е најдобра можност, подвлекол Попоски.
На состанокот во Софија е усвоена заедничка декларација за предизвиците од миграциите во која земјите-членки на ПСЈИЕ се согласија на заеднички пристап во справувањето со овој предизвик.
На маргините на состанокот, Попоски имал и билатерални средби со неговите колеги, бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов и со романскиот министер за надворешни работи Лазар Команеску.