Градоначалникот Бакрачески на заедничка средба со туристичките делегации од Македонија и Бугарија

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески учествуваше на координативна средба меѓу туристичките делегации од Р. Македонија и Р. Бугарија што вчера се одржа во Скопје на иницијатива на Министерот за економија на Р. Македонија,Беким Незири.

На работната средба на која учествуваа претставници на туристичките асоциации и градоначалниците на Сандански, Смолјан, Благоевград, Чепеларе и Банско од бугарска страна и претставници на туристичките асоцијации и деловните здруженија на туристичките работници, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, како и градоначалниците на Охрид, Скопје, Тетово, Крушево, Општина Чаир, Маврово и Ростуше од македонска страна, се разменуваа ставови и мислења за продлабочување на соработка во туризмот помеѓу двете соседни држави.

Во своето излагање пред присутните , градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески се заблагодари за посетата на гостите од Бугарија и ја поздрави иницијативата на Министерството за економија и ресорниот Министер Незири за одржување на заеднички координативни средби. Зборувајќи за богатото културно, историско и природно наследство на Охрид градоначалникот Бакрачески се осврна на четири сегменти кои се особено важни за продлабочување на туристичката соработка меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија:

„-Од круцијално значење за двете држави е создавање заедничка агенда за развој на туристички продукти и менаџмент дестинации бидејќи заедничкиот настап овозможува поатрактивна понуда за туристите кои доаѓаат од Далечниот Исток пред се од Кина Јапонија и Јужна Кореја како и од Северно европските држави особено Скандинавија како дел од нивните балкански или европски тури.

-Од особена важност за развој на туризмот од двете страни на границата е воспоставување на билатерални односи, како што е збратимување на градови од Р. Македонија и Р. Бугарија кои преку разни форми на меѓусебна соработка ќе овозможат движење на луѓе од двете страни на границата.

– тесна соработка при аплицирање проекти за ИПА прекугранична соработка на општини од Р. Македонија и

Р. Бугарија во делот на инфраструктурата, културната размена, спортот и негувањето заеднички традиционални вредности.

– Заеднички настап на општини од Р. Македонија и Р. Бугарија пред владите на овие две држави за подобрување на патната инфраструктура и отворање можности за воспоставување авио линии меѓу двете држави“– подвлече Бакрачески.

Според министерот Незири, бројот на туристите од Бугарија во Македонија последниве три години се зголемува во континуитет и лани достигнува бројка од 25 илјади, но оваа бројка во споредба со бројот на македонските туристи кои ја посетиле Бугарија е многу мала.

turdelmkdbg4851