УНИЦЕФ ќе инвестира во новоформирани компании за информатичка технологија со отворен код

УНИЦЕФ ги повикува новоформираните информатичко-технолошки фирми кои развиваат решенија со потенцијал за подобрување на животот на најзагрозените деца во светот да аплицираат за средства од неговиот неодамна отворен Фонд за иновации.

„Целта на Фондот за иновации на УНИЦЕФ е да инвестира во софтверски технологии со отворен код за деца“, вели Кристофер Фабијан, колидер на УНИЦЕФ Иновации. „Ќе идентификуваме можности од земјите низ светот, вклучувајќи и некои во кои нема многу капитални инвестиции во новоформирани информатичко-технолошки фирми. Се надеваме дека ќе ги идентификуваме заедниците на решавачи на проблеми и ќе им помогнеме да развијат едноставни решенија за некои од најгорливите проблеми со кои се соочуваат децата.“

За да се квалификуваат за финансиски средства, проектите мора да бидат со отворен код и да имаат работен прототип. Тие може да опфатат развивање на нова технологија, или проширување или подобрување на веќе постоечката.

Фондот за иновации на УНИЦЕФ, во кој досега се собрани 9 милиони долари, на иноваторите од земјите во развој им нуди здружен механизам на финансирање, со цел да им помогне своите тестирани проекти да ги доведат до следната фаза. Фондот ги фокусира своите инвестиции во три области од портфолиото:

• Производи за млади под 25 години за решавање на низа потреби, вклучувајќи учење и учество на младите;

• Информации во реално време заради носење одлуки; и

• Инфраструктура за зголемување на пристапот до услуги и информации, вклучувајќи и конективност, електрична енергија, финансии, сензори и транспорт.

„Овие три области се зрели за инвестиции како резултат на брзото менување на технологиите како што се блокчејн, 3Д-печатење, приклучоци што се носат на себе и сензори, вештачка интелигенција и обновливи извори на енергија“, – рече Фабијан.

Пријавите ќе се оценуваат според неколку критериуми, вклучувајќи ја и силината на тимот, релевантноста на проектот за децата, како и способноста да се види потенцијална идна вредност во создавање софтверска интелектуална сопственост со отворен код.

УНИЦЕФ Иновации има направено претходни инвестиции во технолошки решенија, како што се RapidSMS, RapidPro и U-Report, кои сега досегаат до милиони корисници.

Поднесоците за изразување интерес мора да се достават најдоцна до 26 февруари 2016 година. Повеќе информации се достапни на www.unicefinnovationfund.org