Познатата алпинистка, охриѓанката Илина Арсова, која во мај 2013 година го искачи врвот Монт Еверест на висина од 8.848 метри, во писмо до јавноста вели дека на Лагадин не му треба медитеранска плажа затоа што теренот не располага со плажно крајбрежје.
„На потегот кај Лагадин, езерото е во тесна врска со планината и со националниот парк Галичица. Тие живеат во природна симбиоза, каде влијанијата од планината се префрлаат во езерото и обратно. Предвидената плажа треба да се гради во вода, бидејќи ширината на постојниот брег е помеѓу 2 и 5 метри. Неслучајно природата ја назначила трската како одговорен прочистувач на водите од езерото. Верувајте, тоа е тешка задача и огромна одговорност, која човекот никако не може да ја замени! Поттикнување на проект кој се спротиставува на јавното мислење, природната предодреденост и на научните препораки, според мене, е лудост. Тоа е како да си ја сечеме гранката на која седиме. Од друга страна, пак, Лагадин или Свети Мартинија е место каде често се случуваат сообраќајни несреќи, несоодветно се управува со отпадот, а има и проблеми со водовод и со осветлување. Тоа се основни и приоритетни прашања за развој на туризмот, многу поважни од само површно уредување на плажи кои, според домашните и светски научници, ќе предизвикаат неповратна штета врз квалитетот на водата на Охридско Езеро“, вели Арсова во своето писмо.
Таа во писмото директно му се обраќа на поранешниот премиер Никола Груевски, кого го замолува да се приклучи во борбата за зачувување на природните реткости на Охрид.
„Досега немав побарано никаква награда за моето дело, што во некоја друга земја автоматски би следувало за првата жена која националното знаме првпат го развеала на највисокиот светски врв. Па, затоа Никола, ако сè уште важи понудата за помош или услуга, ја користам за да Ве замолам да ни се приклучите во борбата за зачувување на природните реткости на Охрид! Бидејќи така и Вашето потомство и целиот свет ќе Ви бидат благодарни и ќе Ве благословуваат“, пишува Арсова.
Извор: meta.mk