Секоја општина која е заинтересирана може да аплицира на огласот од Министерството за транспорт и врски, за изработка на урбанистички планови за изградба на објекти наменети за “Купи куќа за млади“. Огласот трае до 10. 02. 2016 година, а од Министерството за транспорт и врски информираат дека ќе ги субвенционираат урбанистичките планови. Очекувањата се, секоја општина да урбанизира локации за најмалку 100 куќи.
Општински урбанизирани плацеви за проектот “Купи куќа за млади“ За новиот проект “Купи куќа за млади“, за кој веќе се донесоа законски измени се предвидува во секоја општина каде што градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ да има понуда, истакна вчера лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
Градоначалникот на Илинден планира најмалку илјада нови локации од кои 850 ќе бидат лоцирани веднаш до оваа населба, а од другата страна на автопатот на влезот од Ајватовци, до слободната економска зона Бунарџик ќе има уште 150 локации. Доколку овие локации се продадат наскоро ќе има и нови локации. Тоа е извонредна можност за младите за секој млад човек кој сака да си го реши своето прашање за домување и тука помагаме максимално, нагласи Груевски.
Tипски населби за реализација на „Купи куќа за млади“
Новата типска населба „Јака“, која веќе се гради во општина Илинден е пилот-проект предвесник на проектот „Купи куќа за млади“, кој треба да им помогне на сите, а особено на младите кои сакаат да го решат своето прашање за домување под многу поволни услови, изјави Груевски по посетата на оваа населба во општина Илинден. Идејата за ваков вид населба потекнало од еден негов разговор со градоначалникот на Илинден, за луѓето да можат да си изградат куќи, така што земјиштето да го купат по симболични цени, со многу ниски комуналии и да имаат локации, бидејќи, вели, освен цената на земјиштето и цената на комуналиите проблем беше да се најдат локации за изградба на куќи за стотици граѓани.
Од 500 локации во типската населба 490 веќе се продадени при што 80 куќи се изградени барем во фаза на карабина, а многу други почнуваат да се градат. Паралелно на тоа општината веќе ги гради улиците, водоводите, итн, рече Груевски и најави можност за помош во делот на инфраструктурата и од Владата од Програмата за рурален развој.
Иако овој проект е започнат пред проектот Купи куќа за млади на некој начин ова е предвесник на тој проект. Веќе со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ низ цела Македонија правиме план како проектот брзо да се развие, а оваа локација тука и дел во Петровец се пилот проект од кој секој може да види како тој ќе изгледа, како ќе се развива и колку луѓето се задоволни од тоа. Јас навистина, поминувајќи тука покрај овие куќи, видов среќни и задоволни луѓе од можноста, која им се даде да добијат евтина локација, ниски комунали и генерално да најдат локација за својата куќа која нема да биде дивоградба, туку урбанизирана со сите дозволи, да имаат мирен сон и да не се тревожат дали некој ќе им ја сруши куќата, посочи Груевски.
Отворени 33 канцеларии за проектот „Купи куќа за млади“
Во 33 општини низ државата се отворени канцеларии во кои граѓаните поблиску ќе може да се информираат за бенефитите што ги нуди најновиот проект „Купи куќа за млади“.Канцелариите се наоѓаат во подрачните единици на Управата за имотно-правни односи и на Управата за јавни приходи.Покрај за овој проект, граѓаните ќе може да се информираат и за проектот „Купи куќа, купи стан“
Проектот „Купи куќа за млади“ наиде на голем интерес кај младите кои имаат до 35 години не само во Скопје, туку и во сите градови во внатрешноста на Република Македонија. За да го приближиме проектот до младите луѓе и да можат на едно место да добијат информација за условите, учеството, банките и плацевите отворивме канцеларии во 33 општини во подрачните единици на Управата за имотно-правни работи и на Управата на јавни приходи, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
За таа цел се обучени вработените кои работат во овие канцеларии и тие ќе ги дадат потребните информации за младите полесно да се запознаат со условите што ги нуди проектот и да дојдат до сопствен дом.
Апелирам до сите млади луѓе да се информираат за проектот и да ја искористат можноста што ја даваат овие канцеларии. Во текот на февруари ќе организираме и караван низ повеќе градови во Република Македонија така што на сите начини ќе се обидеме да им го доближиме проектот на младите луѓе, истакна вицепремиерот Ставрески.
Тој нагласи дека се работи за голема поддршка што им ја нуди државата на младите луѓе за да го решат едно од најсуштинските животни прашања. Поддршката е 80 отсто субвенција на ратата и тоа главнина и камата во текот на осум години и уште три години субвенција од 50 отсто на ратата, или 100 отсто од учеството за кредит.