Во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ утре (6.2.2016 година) во 12 часот ќе биде отворена продажна изложба на дел од проектите од областа на креативните индустрии кои беа финансиски поддржани од Министерството за култура во 2015 година. Ќе бидат изложени парчиња накит, облека, мебел и други дизајнерски производи со практична и применлива вредност создадени од 17 млади креативни практичари. Продажната еднодневна изложба за сите заинтересирани ќе биде отворена до 20 часот.
Започнувајќи од 2013 година, Министерството за култура во континуитет објавува Годишен конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на креативните индустрии, кој наиде на исклучително позитивен одзив кај креативците во нашата држава. Досега се поддржани повеќе од 200 проекти, а целта е да се поттикнат младите луѓе да го развиваат својот креативен потенцијал и иновативни размислувања, да се анимираат и охрабрат креативците од своите идеи да искреираат оригинални и уникатни дизајнерски производи.