Јолевски со порака до високите претставници на американската администрација: Македонија заслужува полноправно членство во НАТО

Во текот на вчерашниот ден, при посетата на САД, министерот Јолевски оствари неколку значајни средби со високи официјални лица во Белата куќа, Стејт Департментот и Пентагон.

Имено, во Белата куќа министерот Јолевски оствари средба со Целесте Валандер, специјален советник на претседателот Барак Обама и Директор во Советот за безбедност на САД, додека во американскиот Стејт Департмент министерот се сретна со Хојт Ји, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија. На одвоените средби министерот Јолевски и соговорниците разменија мислења за интеграцијата на Република Македонија во НАТО, за реформските процеси во Армијата, како и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко.

Во рамки на посетата, во Пентагон, министерот Јолевски оствари средба со Директорот за Русија, Украина и Евроазија Лаура Грос, на која стана збор за реформските зафати во Министерството.

„Наш приоритет е да ги задржиме и унапредуме капацитетите на Армијата на Република Македонија, а тоа значи вложување во образование и едукација, како и вложување во опрема“, рече министерот. Дека станува збор за исклучително важен процес кој дава резултати, министерот Јолевски ја посочи Воената академија, на која освен што е воведена настава на англиски јазик, започната е и размената на питомци со академиите од земјите на НАТО. Ние не отстапуваме од реформите, додаде Јолевски, бидејќи тие се добри за нас како држава, но и за НАТО алијансата, која е и наша стратегиска цел.

„Македонија е стабилен партнер и долгогодишен контрибутор кон светскиот мир. Ние сме одговорен член на меѓународната заедница и заслужуваме да бидеме дел од Алијансата за која сме подготвени од 2008 година“, потенцираше министерот.

Директорката Грос порача дека САД продолжуваат да ја поддржуваат Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО. Воедно, таа се заблагодари за присуството во Авганистан и за несебичната помош за етаблирање на мирот, демократијата и безбедноста во овој дел од светот.