Курц, Заоралек и Хан во наредните 10 дена во посета на Македонија

Австрискиот и чешкиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц и Љубомир Заоралек, оваа недела ќе ја посетат Македонија, каде главен фокус ќе им биде бегалската криза.

Посетата на Курц во Македонија е дел од неговата турнеја на земјите од Западен Балкан. Курц пред два дена беше во посета на Сараево, а вчера замина за Белград. Тој, освен Скопје, ќе ги посети и Подгорица, Тирана и Приштина.

Курц вчера изјави дека ЕУ не смее да ги остави државите од Западен Балкан сами да се справуваат со бегалската криза. Тој рече дека целта на посетата е понатамошно градење на одлични односи со целиот регион.

Утре во Македонија пристигнува и чешкиот министер за надворешни работи, Љубомир Заоралек, кој ќе се сретне со македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Попоски.

Министрите на Австрија и на Чешка во Македонија треба да ги презентираат акциските планови за бегалците кои ги покриваат сите важни теми, од поддршка во процесот на пристапување во ЕУ до мерки во областа на миграцијата.

Во текот на наредната недела, во Македонија треба да пристигне и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, кој треба да оцени дали во Македонија има услови за одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април.

Извор: meta.mk