Претседателот Иванов на јужна граница: Подготвени сме да се справиме со илегалните премини!

Од поставување на првата ограда армијата има спречено 19.000, а полицијата 14.000 илегални премини, затоа сега пристапуваме кон втората фаза од поставување на заштитна ограда, која има за цел дополнително да ги спречи илегалните минувања и премини на нашата државна граница, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска ја посети јужната гранична линија и подрачјето зафатено со криза.

Тоа укажува, рече претседателот Иванов, дека со пропуштањето само на бегалците од Сирија, Авганистан и од Ирак, илегалната миграција на економските мигранти се зголемува и тие бараат на секој начин да ја заобиколат регистрацијата и илегално да ја преминат нашата граница.

Со цел да се спречат илегалните минувања со фалсификувани документи претседателот Иванов најави дека се прават напори за единствен биометриски регистрациски лист за мигрантите, кој ќе се издава на границата со Грција со намера да транзитираат до крајната дестинација.

„Досега полицијата има откриено 5.500 фалсификувани документи. Дневно понекогаш се откриваат и до стотина такви лажни документи, пред се пасоши, меѓу нив има и документи издадени од Фронтекс, лични карти, кои економските мигранти од Африка и од Азија ги користат за да се пријават како бегалци”, изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател појасни дека мора да се прави разлика меѓу безбедносниот и хуманитарниот аспект на кризата. Република Македонија, порача претседателот Иванов, е благодарна на сите земји, организации, невладини институции, кои помагаат од хуманитарниот аспект, но со цел справување со безбедносните ризици на Македонија и е потребна поголема помош.

JUZNA_GRANICA_2

„Досега целиот безбедносен аспект на кризата е на наш товар и имаме ветувања кои се уште не се исполнети. Ги користиме нашите буџетски средства, средствата на Армијата и на полицијата”, изјави претседателот Иванов додавајќи дека е неопходна помош од возила за патролирање, термални камери и друга опрема за поефикасно справување со мигрантската криза.

Претседателот Иванов се заблагодари за присуството на полициските сили на шесте пријателски земји а македонско – грчката граница и изрази очекување за нивна поддршка и присуство и во иднина. Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија е подготвена за сите предизвици и изрази очекување дека одлуките на ЕУ ќе бидат посоодветни на временските околности и на ново настанатите состојби.

„Сите најави се дека со топлото време ќе дојдат и поголеми бранови мигранти и затоа ние мора да бидеме подготвени да се справуваме, пред се во регулирање на илегалните премини, и тие што имаат право на премин – бегалците, хумано да влезат и да дојдат до посакуваната дестинација”, изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател денеска беше информиран за севкупната состојба на македонско – грчката граница, како и за активностите кои ги врши АРМ и полициските сили за регистрација на мигрантите и заштита на граничната линија од илегални премини.

На Самитот во Лондон посветен на Сирија и регионот, претседателот Иванов ги информираше европските лидери за мерките кои Македонија ги презема за справување со бегалската криза, за заканата од илегална миграција и зголемите безбедносни ризици долж мигрантскиот коридор. Македонскиот претседател викендов ќе учествува на безбедносната конференција во Минхен, а веднаш потоа ќе замине во Прага, каде Македонија е специјално поканета да учествува на вонредниот самит на земјите од „Вишеградската Група”.

JUZNA_GRANICA_3