Спасовски: „На граѓаните им е потребна професионална и департизирана полициска служба“

„Граѓаните очекуваат полицијата да ги извршува задачите во согласност со највисоките стандарди и да е прва во почитувањето на истите. Полицијата мора да ја заслужи довербата од граѓаните, а довербата може да ја заслужи само доколку покаже апсолутна професионалност правичност и чесност во извршување на своите задачи“.

Ова меѓудругото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето поздравно обраќање пред почетокот на работилницата тематски насловена како “ интегритет, планирање и менаџирање“ што денес, во организација на ДЦАФ (Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили) а во рамки на проектот Градење на полициски интегритет, се одржува во хотел “Холидеј ин“.

Според Спасовски од особена важност за Министерството за внатрешни работи е полициските службеници добро да го познаваат Прирачникот за полицискиот интегритет и да работат на негово континуирано унапредување. “За таа цел заедно со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили се спроведува и овој Проект во насока на изготвување на квалитетен и сеопфатен План за интегритет“.

Министерот Спасовски исто така особено потенцираше дека – „Со моето стапување на функцијата министер во ова министерство, соочувајќи се со конкретни слабости и злоупотреби на овластувањата на некои вработени во министертвото, одлучив еден од императивите на моето понатамошно работење да биде јакнењето на интергритетот на вработените во Министерството“. Притоа тој нагласи дека “на Република Македонија, и на сите граѓани им е потребна професионална департизирана полициска служба, со високи морални вредности и со високо ниво на интегритет. Само таква полициска служба може да биде гарант за заштита на човековите права и слободи и само таква служба ќе ја заслужи довербата и почитта на сите граѓани на оваа држава“.

Инаку, целта на работилницата е запознавање на менаџерскиот кадар на МВР со драфт верзијата на Планот за интегритет и добивање повратни информации, забелешки и коментари во врска со истиот.