Проект за развојот и имплементацијата на Националната рамка на квалификации

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми се обрати на настанот посветен на развојот и имплементацијата на Националната рамка на квалификации. Адеми потенцираше дека создавањето на конкурентен европски простор во областа на образованието, економијата и пазарот на трудот бара мобилност на квалификацијата и нивно јасно препознавање и користење од страна на поединците, работодавачите и целата општествена заедница. Затоа и се воспостави Европска рамка на квалификации како нов европски систем на вредности и нов однос кон образованието и обуката, која ќе биде прифатлива како за земјите членки на ЕУ, така и за земјите кои сакаат да се приклучат на европското семејство, рече Адеми.

„Од тука се наметна и потребата за развивање на Национална рамка на квалификации како клучен инструмент за промена во процесот на учењето и обуката и инвестирање во човековиот капитал. Таа е основа за државите да го подготват системот на образование и обука и системот на квалификации за иднината, според општествените и економските потреби на пазарот на трудот и е во согласност со имплементацијата на Препораката на Европскиот парламент и Совет од 28 април 2008 за воспоставување на Европска рамка на квалификации за доживотно учење“, рече Адеми.

Националната рамка на квалификации претставува национален стандард на нашата земја кој го регулира стекнувањето и користењето на квалификациите, засновани на актуелните и идните побарувања на работодавачите за знаење, вештини и компетенции, и ќе овозможи поголема мобилност, како во образованието и обуката, така и на пазарот на труд, додаде министерот за образование и наука.

„Таа е инструмент за комуникација и реформи, алатка за доверба и поддршка на креаторите на политиките, на работодавачите, учесниците во процесот на учење, родителите, носителите на квалификации и останатите заинтересирани страни во градењето на системот на квалификации, преку нивно активно учество. Националната рамка за квалификации во нашата земја, заедно со Законот за Национална рамка на квалификации, е усвоена во октомври 2013 година. Затоа цврсто верувам дека нејзината имплементација е една од најдолгорочните стратешки цели на нашата земја“, рече Адеми.

Рамката на квалификации на нашата држава мора да е во корелација со Европската рамка на квалификации. Иако учењето од другите практики е корисно, но сепак мора да ја развиваме и да ја поврзуваме со својот систем на образование и обука и со структурата на своите институции, истакна Адеми.

„Процесот придонесува за јакнење на партнерство, на национално, регионално и меѓународно ниво. Токму затоа е и овој проект, поддржан од ЕУ, кој ќе придонесе во имплементацијата на Националната рамка за квалификации преку експертиза и пренесување на искуства и добри практики од други земји“, рече Адеми.

Општата цел на овој проект е да го поддржи процесот на натамошно унапредување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации и нејзино упатување со Европската рамка на квалификации.