СВР-Скопје во два одвоени случаи поденсе кривични пријави против З.Н.(50), Е.Н.(40) и К.Д.(44) сите од Скопје, поради основано сомнение дека извршиле кривично дело – “разбојништво“, како и против Д.Р.(41) и М.З.(27) и двајцата од Куманово, поради основано сомнение дека извршиле едно кривично дело “разбојничка кражба“. Притоа од страна на судии на претходна постапка на З.Н., Е.Н.,К.Д. и Д.Р. им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена додека пак за М.З. заштитна мерка – јавување на надлежен орган – Суд Куманово.
Во првиот случај осомничените З.Н., Е.Н. и К.Д. “разбојништвото“ го извршиле на 30-ти минатиот месец стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 15.000 денари.
Имено тројцата пријавени заедно со оштетеното лице со такси возило се упатиле од населба Драчево кон Центар. Оштетениот заедно со првопријавениот З.Н. влегле во Стопанска Банка лоцирана во ГТЦ каде што од страна на оштетениот биле извадени 15.000 денари. Откако ги извадил парите сите заедно се упатиле во еден од угостителските објекти лоциран на ул.„Кеј 13 Ноември“. По кратко време истите се договориле да одат на гости кај нивна заедничка пријателка која наводно живеела на бул. „Крсте Мисирков“ и откако влегле во влезот, се качиле во лифтот и во еден момент Е.Н. и К.Д. го фатиле оштетениот и го држеле за рацете, го гребеле во пределот на лицето, а З.Н. му ги побарал парите и откако истиот одбил да му ги даде физички го нападнал удирајќи го со тупаници во пределот на главата и телото. Потоа истовремено му ја протнал раката во внатрешниот џеб од јакната и му ги одзел парите по што тројцата пријавени излегле од лифтот и го напуштиле местото на настанот, а оштетениот се здобил со видливи повреди во вид на гребнатини во пределот на лицето.
По кратко време од страна на полициски службеници од Единицата Алфа пријавените лица се пронајдени и приведени и со нив бил извршен разговор, а од страна на оштетениот извршено е препознавање при што истиот ги посочил како сторители на кривичното дело разбојништво. Инаку, сите тројца пријавени се познати сторители на кривични дела од областа на имотните деликти како и други кривични дела за што од страна на СВР Скопје во периодот од 1987 до 2015 им се поднесени вкупно дваесет кривични пријави.
Во вториот случај пријавените Д.Р. и М.З. разбојничката кражба ја извршиле во декември минатата година околу 12,00 часот при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 29.000 денари. Именот тие најпрво отишле во Космо Тинекс Дрогерија лоцирана на ул.„Даме Груев“ по што првопријавениот влегол внатре, а второпријавениот го чекал надвор и по кратко разгледување по рафтовите каде биле изложени парфемите Д.Р. украл пет парфеми и се упатил кон излезот. Истиот бил забележан од страна на вработената која се обидела да го сопре на излезот, но тој не застанал и во еден момент се свртел кон вработената и ја удрил со бокс во пределот на вратот по што таа паднала на земја, а Д.Р. заедно со М.З. кој бил присутен при нападот го напуштиле местото на настанот.
По разгледување на подигнатиот видеоматеријал од безбедносните камери монтирани во и пред дрогеријата, во ПС ОН Центар првопријавениот Д.Р. бил приведен, а додека второпријавениот М.З. по предходно распишана потрага бил приведен во Куманово. Било извршено препознавање во кое оштетената ги препознала пријавените лица како сторители на кривичното дело. Со нив бил извршен разговор во кој првопријавениот Д.Р. во целост го признал и појаснил начинот на извршување на кривичното дело. Инаку, Д.Р. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, потоа на кривични дела против јавниот ред и мир и кривични дела против здравјето на луѓето за што од страна на СВР Скопје во временскиот период од 1994 до 1997 година поднесени му биле две кривични пријави, а страна на СВР Куманово во временскиот период од 1992 до 2015 година поднесени му биле 19 кривични пријави. И М.З. е сторител на кривични дела од областа на имотните деликти и кривични дела против здравјето на луѓето за што од страна на СВР Куманово во временскиот од 2009 до 2015 година поднесени му биле три кривични пријави.