Кундерс: Договорот од Пржино целосно да се спроведе и да се поддржи работата на СЈО

Европа го поддржува Договорот од Пржино и тој мора целосно да се спроведе, изјави денеска во Скопје шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Вие подобро знаете од мене колку е важно да се има фер и кредибилни избори, пречистен список и еднаков пристап кон медиумите. Македонија има долга традиција и историја, сте имале и претходно фер, демократски избори и затоа е важно да се спроведе договорот од Пржино за да се овозможи понатаму да се работи на европската перспектива – рече Кундерс и побара сите да ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство.

На новинарско прашање како внатрешно политичката состојба е поврзана со мигрантската криза, Кундерс истакна дека политичката криза во Македонија не е директно поврзана со бегалската криза, но истакна дека проблемот со бегалците создава тензии во сите земји.

Но, за сите наши држави е важно затоа што секаде се јавуваат тензии во однос на тоа како да се реши бегалската криза. Затоа важно е нашите земји да останат стабилни за да можеме да соработуваме на решавање на бегалското прашање. Во Европа, вклучително и во Македонија се соочуваме со предизвикот на надворешната безбедност и внатрешниот консензус, а ова е особено предизвик за Македонија. Затоа сметам дека вашата визија и желба за евроатлантска интеграција е поврзана со спроведувањето на договорот од Пржино, рече Кундерс.

Извор: meta.mk