Доцна попладнево, во просториите на Агенцијата за млади и спорт, директорот Марјан Спасески оствари средба со висока делегација на меѓународните асоцијации за велосипедизам, предводена од претседателот на Светската велосипедска федерација (УЦИ), Брајан Куксон од Англија и претседателот на Европска велосипедска асоцијација (УЕЦ), Давид Лапартиен од Франција. Повод за средбата е продлабочувањето на соработката меѓу Велосипедската федерација на Македонија, меѓународните велосипедски асоцијации и останатите балкански федерации, кои се гости на Конгресот на Балканската велосипедска федерација, чиј домаќин викендов е Република Македонија. Спасески ги запозна гостите за проектите за развој на македонскиот спорт, кои се спроведуваат преку Агенцијата за млади и спорт, особено во делот на спортската инфраструктура, а ја потенцираше и поддршката која ја дава кон велосипедската федерација на Македонија.
„Велосипедизмот во Македонија е во сериозен подем, како на професионален и спортски, така и на рекреативен план, а сето тоа се должи на одличната промоција и придобивките по здравјето, кои ги имаат граѓаните кои се занимаваат со овој спорт. Република Македонија нуди одлични услови за развој на велосипедизмот, а особено радува податокот што и нашите велосипедисти, од година во година, бележат се повисоки резултати на меѓународните натпреварувања. Дополнително, нашата држава секоја година е организатор и домаќин на неколку меѓународни и традиционални натпреварувања во планински и друмски велосипедизам“. – истакна Спасески и ја пофали работата на претседателот на Македонската велосипедска федерација, Сашо Димитријоски.
Гостите беа пријатно изненадени од активностите на Агенцијата за млади и спорт за поддршката на велосипедизмот и ветија поголема логистичка и финансиска поддршка за велосипедкста федерација на Македонија. Тие искажаа задоволство од рејтингот и реномето што го ужива велосипедизмот во Македонија, а упатија и пофалби за работата и менаџирањето со македонската велосипедска федерација.
На приемот во АМС присуствуваа и претставници од неколку балкански федерации, кои учествуваат на Конгресот, на кој меѓудругото, ќе се одлучува и за следните активности на Балканската велосипедска федерација.