Јолевски: Армијата на Македонија е подготвена за сите предизвици кои се пред нас

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денес ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија кои се поставени на граничниот премин во Гевгелија. Тој изрази задоволство од извршените задачи и ја истакна својата благодарност за трудот кој го вложиле припадниците на Армијата на Република Македонија.

Министерот изјави: „Како Армија ги разгледуваме различните сценарија и како се пристапува по тие сценарија. Армијата на Република Македонија е подготвена за сите предизвици кои се пред нас. Се разбира, за да се реши оваа мигрантска криза потребно е да се направи една сеопфатна стратегија која што ќе ја опфаќа цела Европска Унија меѓутоа и земјите од Балканот плус Турција и Сирија. Проблемот е прилично комплексен и заради тоа потребна е една сеопфатна стратегија и таа стратегија перманентно се развива“. Министерот додаде дека е добро што други земји одлучиле заедно да се работи со цел ефикасно справување со мигрантската криза.

Јолевски рече дека се прават проценки за должината на оградата и дека истата ќе се поставува на подрачја каде што постои ризик од нелегално преминување на мигранти. Оградата се поставува со цел да се насочат мигрантите кон центарот за регистрација каде што се регистрираат, добиваат храна, вода, облека и го продолжуваат транзитот кон европските држави.