Поради постоење основи на сомнение за повеќе сторени казнени дела, СВР Охрид поднесе кривична пријава против следниве пет лица: М.М.(61) вработена во одделението за катастар на недвижности Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“, против едно засега непознато лице вработено во општина Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, М.Ќ. (56) од Биџево и Н.М (58) адвокат од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „договор за извршување кривично дело“ и „поднесување лажни докази“ како и против Р.С.(56) судија од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „договор за извршување кривично дело“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Првопријавената М.М. во месец Јануари 2007 година како службено лице, референт за катастарски работи во одделението за катастар на недвижности Охрид, искористувајќи ја службената положба и овластување, свесно во компјутерскиот систем на одделението за катастар на недвижности Охрид, без правен основ внела невистинити податоци за сопственост на имот од кафетерија „Славица“ во Охрид со намера лицето О.С. од с.Лескоец да се стекне со незаконски запишано право на сопственост со што предизвикала невистинит резултат при преносот на овие податоци. Во негова корист, пријавената од компјутерските евиденции на одделението за катастар и недвижности Охрид испринтала, и со свој потпис и печат заверила имотен лист иако знаела дека податоците во имотниот лист се невистинити и запишувањето на сопственоста е без правен основ.
Второпријавеното, засега непознато лице вработен во општина Охрид, во периодот јули 2007 година до мај 2015 година, искористувајки ја службената положба и овластување од архивата на општината Охрид-Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште, свесно, бесправно и неевидентирано изнесол градежна проектна документација која се однесува на кафетеријата „Славица“, заедно со одобрение за градење од лицето О.С. чие чување е од трајна вредност и надлежните органи се должни да ја чуваат.
Третопријавениот М.Ќ. и четвртопријавениот Н.М. заедно сториле едно кривично дело „договор за извршување кривично дело“. Во 2015 година во Основен суд Охрид спротивно на укажувањата и заклучокот од Министерството за транспорт и врски Скопје истите да започнат парнична постапка спрема О.С. тие започнале граѓанска постапка со цел утврдување на право на сопственост на објектот кафетерија „Славица“. Со незаконско стекнување на правен основ-пресуда, со чие спроведување во одделението за катастар на недвижности Охрид, М.Ќ. ќе можел да се стекне со право на сопственост и добие имотен лист за целиот објект кафетерија „Славица“ (и покрај тоа што делови од истиот објект во површина од 189м2 биле со евидентен лист, како бесправна градба и предходно опфатени во постапка за легализација во Министерството за транспорт и врски Скопје и за истите бил донесен Заклучок за запирање на постапката).
М.Ќ. и Н.М.-негов адвокат, со петтопријавениот-како судија во Основен суд Охрид задолжен да решава по овој предмет, се договориле, а Р.С. прифатил да изврши кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Тој на 27.02.2015 година донел незаконска пресуда во корист на М.Ќ. со која се усвојува неговото тужбено барање. Третопријавениот и четвртопријавениот заедно сториле и едно кривично дело „поднесување лажни докази“. Тие, иако знаеле дека донесената пресуда е предмет на кривично дело, на 18.03.2015 година, ја употребиле како лажен доказ за упис на право на сопственост и без да приложат потребна градежно техничка документација, ја доставиле за спроведување и упис во управна постапка во одделението за катастар на недвижностите во Охрид. Петтопријавениот Р.С. сторил едно кривично дело „договор за извршување кривично дело“ и едно кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Тој по предходен договор со трето и четвртопријавениот, донел инкриминирана пресуда со која М.Ќ. без парнична постапка бесправно се стекне со правен основ за добивање на имотен лист и за останатите бесправно изградени делови од кафетеријата „Славица“. Незаконитостите при издавање на имотниот лист се констатирани и од страна на Агенцијата за катастар на недвижности Скопје.