Продолжува континуираниот дијалог помеѓу Владата со бизнис заедницата. 154 домашни компании се опфатени со петтиот циклус на владиниот проект “Учиме од бизнис – заедницата”, кој е фокусиран на унапредување на деловната клима, бизнис опкружувањето и конкурентноста преку директна комуникација и континуиран дијалог на државните институции со приватните компаниите.
За реализацијата на петтиот циклус од овој проект, по добиените иницијативи веќе се формирани тимови од голем број на државни институции, согласно наведените проблематики од страна на компаниите и од страна на истите веќе се реализираат посетите на компаниите каде детално се разгледуваат секој предлог и иницијатива од бизнис заедницата, а кои се произлезени како резултат на нивното работење.
До следната недела се очекува да завршат посетите на пријавените компании и средбите со здруженијата на компании, преку кои исто така беа доставени голем број на групни барања и иницијативи од нивните членки, по што ќе се пристапи кон меѓу ресорско разгледување на секој предлог од компаниите.
Станува збор за фаза од проектот во која сите државни институции кои се засегнати со одредена дадена иницијатива детално ја разгледуваат корисноста на истата и начинот на нејзината имплементација, по што доколку се констатира дека иницијативата е прифатлива се преминува кон дефинирање на конкретни мерки и чекори за реализација на истата. Согласно предвидената динамика за реализација на проектот се очекува оваа фаза на разгледување да заврши во март оваа година, по што предлог мерките и активностите во насока на реализација на прифатливите барања и иницијативи ќе бидат доставени до Владата на Република Македонија.
„Овој проект претставува дел од еден континуиран и системски дијалог Влада-бизнис заедница во којшто се трудиме согласно нашите ингеренции и можности да ги унапредиме условите за функционирање на бизнис секторот во Република Македонија. Во рамките на петтиот циклус се добиени над 150 иницијативи од деловни субјекти од нашата земја, по чиешто добивање веднаш стручни тимови составени од претставници на институциите пристапија кон непосредна теренска посета на деловниот субјект со цел продлабочено согледување на овие иницијативи без разлика дали се работи за идеја или, пак, предлог за унапредување на состојбите или, пак, иницијатива за решавање на определен индивидуален или системски проблем. Тие посети финишираат кон крајот на оваа и почетокот на следната недела, по што веднаш меѓуресорски ќе бидат разгледани сите 150 иницијативи. Имајќи ги предвид позитивните искуства од овој проект во минатото, каде што досегашните четири циклуси од над 700 иницијативи повеќе од половина беа позитивно решени со што се придонесе кон подобрување на состојбите и за индивидуалните субјекти, но и за системскиот пристап на ниво на сектор, на ниво на индустриска гранка. Ние имаме еден сериозен оптимизам дека и во рамките на овој петти циклус ќе се изнајдат позитивни решенија, ќе се подобрат состојбите и на тој начин позитивно ќе се дејствува кон перформансот на деловните субјекти“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Овој владин проект започна да се реализира во 2010 година најнапред под називот „Посета на 150 компании” по што откако се констатираше неговата корисност и обостраните придобивки од неговото спроведување, истиот продолжи да се реализира континуирано под називот “Учиме од бизнис – заедницата” со кој што раководи вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Досега, во рамки на четирите циклуси од овој проект беа опфатени повеќе од 520 компании, од најразлични индустриски гранки и области од кои беа пристигнати околу 700 барања и иницијативи, а од кои Владата прифати и реализираш над една половина или над 350 предлози од домашните компании.
Од прифатените предлози и иницијативи на компаниите во рамки на овој проект меѓудругото произлегоа и:
-Измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност со што е намалена стапката на ДДВ од 18 % на 5% на прометот и увозот на жив добиток;
-Забрзувањето на постапките за донесување на урбанистичките планови и урбанистичко плански документации преку посебен електронски систем е—урбанизам;
-Се реализираше барањето на компаниите од туристичкиот сектор и беше воспоставена директната авионска линија Охрид – Лондон;
-Се реализираше барањето на компаниите од транспортниот сектор за воспоставување на приоритетни ленти на граничните премини Tабановце и Богородица, со што се овозможува побрз проток на жива стока, стока во свежа состојба, ADR (опасни материи) и празни камиони;
-Измени и дополнувања на Законот за угостителска дејност со кои им се овозможи на сите угостителските објекти лоцирани на граничните премини, аеродроми, железнички станици, бензински станици, на магистрални и регионални патишта и булевари да работат 24 часа, во интерес и на лицата кои патуваат.
И во рамките на овој циклус се опфатени компании од најразлични индустрии, со различна големина, различен број на вработени и обем на производство лоцирани во сите региони во државата а интерес за вклучување во истиот е изразен и од Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните друштва во Република Македонија – МАКАМТРАНС, Здружението на производители на вино и други пијалоци произведени од грозје, Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија и Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.