Царинските службеници на Аеродромот Александар Велики во Скопје вчера спречија обид за криумчарење на 4,5 килограми хероин.
Околу 20:00 часот, по пристигнување на летот од Истанбул, царинските службеници селектираа за детален преглед турски државјанин со иницијали Р.Ј. (39) заради невообичаената тежина на неговиот куфер и вознемиреноста. При деталната контрола на куферот, забележано е дупло дно, изработено од пластичен дел од друг куфер. По одлепување на преградниот дел, во внатрешноста е забележана салотејп трака со кафена боја, одозгора посипана со мелено кафе.
Откако траката е отстранета, царинските службеници пронајдоа проѕирна најлонска кеса наполнета со прашкаста материја со светло кафена боја под која била залепена индиго фолија. Бруто тежината на полната кеса, измерена на дигитална вага изнесува 4.622 грама, а по извршеното тестирање со NIK тестер за наркотици, утврдено е дека станува збор за опојна дрога хероин. По извршеното вештачење од страна на Оделението за криминалистичка техника при МВР, утврдено е дека станува збор за хероин со највисок квалитет, со тежина од 4.504 грама.
Предметот е предаден на понатамошно постапување на Одделението за истраги при Царинската управа. За време на службениот разговор, осомничениот раскажал дека дрогата ја пренесувал од Турција за Македонија за паричен надомест од 7.500 евра. Неколку дена пред да тргне за Македонија, го презел подготвениот куфер од лице од Турција, со кое претходно се договорил и кој му рекол дека треба да го пренесе до скопскиот аеродром, а по предавањето на дрогата требало да му биде исплатено.
Цената на запленетиот хероинот на нарко пазарот на големо би достигнала до 70.000 евра, а доколку се продава во помали количини, и два до три пати повисока. Цената на хероинот, нарко – дилерите ја формираат според процентот на чистота, земјата за која е наменет и количината.
По комплетирање на доказите, против осомничениот Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и истиот ќе го предаде на судија на претходна постапка во ОС Скопје.
Ова е втор голем наод на Царинската управа во последните неколку дена. Претходно, во саботата (13.02.2016 г.), инспектори од Одделението за истраги, во комбе со македонски регистраски ознаки кое беше запрено на скопската обиколница, открија 1,7 тони режан тутун, наменет за црниот пазар.