Ристовски: Десет нови и 60 реконструирани училишта во 2016

Изградба на шест нови училишни објекти од цврста градба и четири модуларни или монтажни училишта, како и реконструкција на 60 училишта во 2016 година, најави денеска на прес-конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Според Ристовски согласно усвоениот акциски план, односно програма за изградби и реконструкции на училишта во 2016 година, предвидено е до крајот на годината да биде завршена реконструкцијата на 60 училишни објекти, од кои, во дел активностите се веќе започнати, а дел ќе започнат во следниот период.

„Од аспект на изградба на нови училишта два објекти, основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода и ОУ „Димитрија Поп Георгиев – Беровски“ во Хром, се во навистина напредна фаза и очекувам некаде оваа пролет да бидат при крај нивните активности за да можеме со почетокот на новата учебна година тие да бидат генерално ставени во функција“, рече Ристовски.

Во меѓувреме, продолжи тој, ќе започне изградба и на шест нови училишни објекти од цврста градба на различни локации, меѓу кои училиштата „Димитар Македонски“ во Горно Лисиче, „Кирил и Методиј“ во Маџари и надградбата на „Тихомир Милошевски“ во Волково.

„Планирани се и четири нови модуларни училишта во 2016 година за помалите населени места, со што ќе се обезбеди гаранција на редовен образовен процес и на децата кои што живеат и функционираат во помалите населени места. За реализација на овие активности во буџетот на министерството се предвидени речиси 450 милиони денари, кои ќе се реализираат во неколку фази“, рече Ристовски.

Објавена постапка за избор на фирма изведувач на работите за реконструкција на осум училишта, меѓу кои ОУ „Братство единство“ во Дебар, ОУ „Даме Груев“ во струмичкото село Куклиш, СОУ „Методија Митевски-Брицо“ во Скопје… Следните денови ќе биде објавен и тендер за уште осум други училишни објекти, ОУ „Илинден“ во Крива Паланка, подрачното училиште во село Мождивњак, ОУ „Ѓорче Петров“ во Ропотово, подрачното училиште во село Секирци, во општина Долнени, Државно училиште за ученици со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела Вода, СОУ „Ацо Русковски“…

„За време на мандатот на оваа Влада, преку непосреден увид на состојбите во училиштата и преку директен контакт со граѓаните, успеавме да изградиме 72 нови училишни објекти, а да реконструираме повеќе од 350. За потсетување, последен пат пред 2006 година, ново училиште било изградено пред осамостојувањето на нашата земја,“ потсети заменик-министерот за образование и наука.