Општина: СДСМ Охрид се „идејните творци“ на оваа депонија која претставува еколошка бомба

Во врска со соопштението од ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„СДСМ – Охрид со својот препознатлив стил на потценување на интелигенцијата и меморијата на охриѓани овој пат се надминаа себеси искажувајќи невистини и манипулации. Им преминува во навика брутално да ги омаловажуваат охриѓани.

Во недостаток на идеи, концепт и визии за развој на Охрид, а со желба да се прикрие совеста и личната одговорност за создавањето одреден проблем, СДСМ – Охрид по од прилика седми пат излегува со соопштение во јавноста во однос на локалитетот Мауцкер.

Никако овие луѓе од СДСМ- Охрид не може да разберат дека кај граѓаните не поминува паролата, „100 пати кажана лага станува вистина“.

Уште колку и пати да ја замајуваат јавноста со вакви соопштенија никогаш нема да ја „исперат“ личната одговорност дека тие како СДСМ – Охрид се „идејните творци“ на оваа депонија која претставува еколошка бомба во центарот на Охрид. И само тоа е факт, а се друго е фикција.

Работејќи под превезот на „чист Охрид“, нивниот тогашен директор на ЈП „Охридски комуналец“, а со цел да прави наводни заштеди на нафта за возилата од претпријатието иако се уште не ни е јасно за што друго би му била потребна нафтата освен за депонирање на комуналниот отпад на Буково, дозволувал комуналниот отпад наместо на предвидената локација во Буково да се депонира кај Мауцкер иако со одлука на Совет овој простор бил одреден само за депонирање градежен шут. Наместо тоа на тој простор депонирале илјадници тони секаков вид ѓубре.

Е така почитувани од СДСМ – Охрид ги креиравте проблемите спроведувајќи чудни политики на поединци.

За среќа на Охрид и охриѓани повеќе не го водите овој град, а оваа Локална самоуправа одговорно пристапува кон реализирање на сите проекти кои се ветени пред охриѓани. Очигледно тој стил на отчетно и транспарентно работење уште долги години ќе биде голема непознаница за вас.“ – се вели во реакцијата од Општина Охрид.