Основниот суд Скопје 1 ги објави решенијата со кои како неосновани ги одби барањата и жалбите на Специјалното јавно обвинитество (СЈО) за одредување притвор на осомничените во акцијата „Титаник“.
Од материјалот објавен од судот може јасно да се видат причините поради кои СЈО барало притвор, како и детали за улогите на главните осомничени во акцијата – поранешните министри за внатрешни работи и за транспрот и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, и генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски.
Во решенијата осомничените се наведени само со иницијали, а функциите што ги извршувале или ги извршуваат се само со почетна буква (за Јанкулоска и Јанакиески „м….“, а за Божиновски „г…..на В….“).
За Јанкулоска, јавниот обвинител од СЈО, во барањето за притвор пред судот навел дека таа со тоа што девет години била на функцијата министер и во нејзино време на работа во МВР биле примени голем број лица, сè уште има несомнено големо влијание во Mинистерството.
„Нејзиното влијание се гледа и од дејствата на извршување на кривичните дела што ѝ се ставаат на товар и однесување на подредените спрема неа. Појасни (обвинителот на СЈО н.з.) дека сосема е извесно дека голем дел од вработените во М… сè уште би ги почитувале нејзините барања, а имајќи предвид дека кривичните дела во најголем дел се извршени преку службите на м………., постои оправдан страв дека истата ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите од кривичното дело“, стои во решението на судот.
Обвинителот, се наведува во решението, навел и конкретен пример, односно исказ на осомничена со иницијали Ј.Г., инаку вработена во МВР, кој како доказ укажувал на тоа дека Јанкулоска преку вработени во министерството веќе се обидела да влијае на сведоците, соучесниците и да уништува траги и докази.
Осомничената Ј.Г., според наводите на СЈО опишани во решенијата, по формирањето на специјалното обвинителство, била повикана од актуелниот министер (Оливер Спасовски н.з.) на разговор во врска со состојбата со незаконски издадените лични карти. По оваа средба, таа преку лице со иницијали Р.С. блиско до Јанкулоска, најверојатно нејзин возач преку „некакви гаражи и скриени влезови“ била однесена кај Јанкулоска во просториите на ВМРО-ДПМНЕ, каде била распрашувана што кажала пред актуелниот министер.
„Конкретно на осомничената Ј.Г. ѝ било побарано да се воздржи од каков било инкриминирачки однос против осомничената до изборите на 24 април 2016 година, а потоа поради победата на ВМРО сè ќе било успешно завршено и таквото сведочење ќе се ценело како највисок акт на патриотизам во спротивно Ј. би била предавник. Ова не е единствен пат во кој се вршел обид за влијание врз Ј.Г. Во другите обиди осомничената Ј…… била психички малтретирана и ѝ се вршел притисок пред обвинителството да не ја зборува вистината затоа што таа би довела до вистината за К.Т. и Г.Ј. И на нејзиното работно место имало обиди за влијание, поради што таа децидно се изјаснила дека не се чувствува безбедно самата и нејзиното семејство“, стои во решениот на судот, со кое се одбива притворот на Јанкулоска.
Во судскиот материјал од сослушувањето на генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, пак, стои дека според истрагата на СЈО, тој е еден од основачите на криминалната група и неговата улога во криминализирањето на изборите била незаконски да прибира финансиски средства за кампањата и за поткуп на гласачите, преку рекетирање фирми.
„Тој како организатор на кампањата и с……. на В…… (секретар на Владата н.з.) е конекцијата со сите правни лица кои се принудени да донираат за партијата и неговото влијание во тој дел е на исклучително високо ниво, а на кое нешто укажуваат огромните суми на парични средства дадени само за авионски превози кои се наведени во описите на кривичните дела за кои се товари, односно во дејствата што тој ги преземал“, пишува во решението на судот.
Улогата на поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, во криминализацијата на изборниот процес, како што навеле од СЈО, била од најширок опфат и создал огромна мрежа на луѓе на кои може да влијае.
„Се наведува дека тој учествува во сите сфери на дејствувањето на криминалната група што може да се види и од кривичните дела за кои постои основано сомневање дека ги сторил. Неговите дејства се движат од изборна корупција, изборна репресија до уништување на изборни материјали. Со самото тоа и фактот што создал огромна мрежа на луѓе на кои може да влијае, особено фактот што уништувањето на докази му се добро познати, присутен е основан страв дека ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичните дела. Ако се има предвид фактот што како поранешен …. задолжил многу луѓе, реално е стравувањето дека може успешно да дејствува во попречување на постапката со влијание врз сведоците или соучесниците“, стои во објавените решенија на судот.
Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ги одби сите жалби на СЈО на одлуките на судијата на претходна постапка да не им одреди притвор на осомничените.
За Јанкуловска, Божиновски и за Јанакиески, судијата на претохдна постапка оценил дека нема основа за определување притвор и дека нема опасност тие да влијаат врз сведоци и да уништуваат докази, бидејќи доколку имале таква намера, тоа можеле да го сторат претходно.
Извор: meta.mk