Не се исполнети условите за одржување на фер и кредибилни избори на 24 април, е оцената на Европската унија и на Соединетите Американски Држави, што вечерва ја соопшти амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.
Американскиот амбасадор ова го сооппшти пред зградата на Владата, откако претходно му го предаде писмото со извештајот на техничкиот премиер, Емил Димитриев.
Бејли рече дека иако има одреден напредок, во голем дел не се исполнети условите за одржување на веродостојни избори на 24 април.
„Имa извесен напредок, но не е решено прашањето за медиумите, а има и извештаи за притисок и за заплашувања на гласачи и на други лица“ – рече Бејли.
Тој посочи дека САД, ЕУ и меѓународните партенри ги охрабруваат политичките лидери и институциите да останат посветени на Договорот од Пржино и на тоа што досега е произлезено од него.
„Ако изборите не можат да се одржат на предвидениот датум, се очекува политичките партии да ги преземат неопходните мерки што ќе овозможат одржување на веродостојни избори во најбрз можен рок и со целосна почит кон обврските и тековната подготвителна работа на Државната изборна комисија“ – рече Бејли.
Тој додаде дека дел од политичките партии го спомнале 5 јуни како можна опција за одржување на изборите.
Амбасадорот истакна дека се потребни сериозни напори од сите инволвирани страни за да се обезбеди веродостоен изборен процес, во кој сите граѓани слободно ќе учествуваат.
„Политичките лидери имаат одговорност да ги преземат неопходните чекори за да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат со имплементирање на политичкиот договор и на реформските приоритети, пред сè во интрес на граѓаните на државата. Ние ќе продолжиме одблизу да го следиме и да го мериме напредокот“ – рече Бејли.
На крајот, тој објасни дека, сепак, датумот за одржување на изборите ќе го одреди Собранието.
Извор:meta.mk