Коцијанчич: Ванхауте е само посредник, а ставовите на ЕУ ги презентира Орав

Ставовите на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте не се ставови на Европската унија, изјави за „Мета“ портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, одговарајќи на прашање дали ЕУ планира да го замени посредникот бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не сака повеќе да соработува со него.

„Улогата на Ванхауте е посредник кој дава техничка експертиза. Претставник на ЕУ во земјата е амбасадорот Аиво Орав, кој е овласaтен да зборува во име на ЕУ“ – рече Коцијанчич.

Портпаролката потсети дека амбасадорот Орав е копотписник на писмото што вчера е испратено до премиерот и оти во него јасно се презентирани позициите на ЕУ и на САД.

Американскиот амбасадор Џес Бејли вчера ја соопшти оцената на ЕУ и на САД, според која не се создадени услови за одржување на предвремени избори на 24 април.

Во писмото се повикуваат властите да создадат услови за одржување на изборите, во најкраток можен рок.

Извор:meta.mk