Обединетото Кралство- партнер на Македонија во реформите на безбедносниот сектор

Обединетото Кралство работи со Република Македонија во поддршка на реформите во разузнавачкиот сектор, како дел од пошироката помош на меѓународната заедница за реформа на безбедносниот сектор.

Како дел од оваа поддршка, во средината на февруари во Охрид се одржа работилница, со претставници на Управата за безбедност и контраразузнавање и Обединетото Кралство. Работилницата беше советодавна, а со поддршка и екпертиза се работеше во правец на изнаоѓање решенија за модернизација, транспарентност, надзор, законитост и почитување на демократските вредности и принципи.

Потребата од реформи во безбедносниот сектор е неопходна со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста кои би биле во функција на заштита на граѓаните и владеење на правото како основен принцип на демократската власт.

Со обезбедување на потребната поддршка се надеваме дека Управата за безбедност и контраразузнавање на Република Македонија ќе се унапреди во модерна и респектибилна служба, подготвена да се справи со новите безбедносни предизвици.

Соработката меѓу Обединетото Кралство и Република Македонија во безбедносниот сектор во последните две декади вклучуваше соработка со полицијата, разузнавачкиот и одбранбениот сектор. Обединетото Кралство е долгогодишен поддржувач и партнер на Македонија, подготвено да и помогне на Македонија да ја проведе реформската агенда и да напредува кон евро-атланските цели.