Европскиот парламент, денеска и утре во Брисел одржува пленарна седница, на која ќе се одржи дебата заедно со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за договорот за реформи помеѓу Европската унија и Велика Британија, а во врска со референдумот за членство или излез од ЕУ.
Во текот на денешниот ден, европратениците ќе дискутираат, а утре ќе го гласаат Предлог-законот за реорганизирање на Европската мрежа на служби за вработување (ЕУРЕС) со широка база на податоци за лицата кои бараат работа и работни места во ЕУ. Целта е да се помогне во борбата против невработеноста и зајакнување на прекуграничните пазари на трудот. Новиот попаметен портал ЕУРЕС треба автоматски да одговара со биографии за соодветните понуди за работа. Апликациите за автоматско појавување на слободни работни места треба да бидат бесплатни за работниците, без никаква дискриминација. Исто така, на веб-локацијата ќе бидат достапни сите слободни работни места објавени во земјите-членки на ЕУ.
Утре, европратениците ќе дебатираат за шверцот на цигари и нелегалната трговија со домашни миленици, а ќе се гласаат и по резолуциите во врска со приоритетите на ЕУ за економски, социјален и единствен пазар за 2016 година и за предложениот план за помош во зајакнувањето на економијата на Тунис.
Европарламентот ќе ги повика завојуваните страни во Јемен да се придржуваат кон договорот за прекин на огнот, за да се овозможи пристигнување хуманитарна помош.