Советот за безбедност на патиштата ги сослуша барањата на Здружението на глуви и наглуви лица

Изградба на велосипедска патека, тротоар, обележување на пешачки премин и осветлување на улицата „Гоце Делчев“ од населбата „Даљан“ кај Центарот за возила-Охрид до хотелот „Даљан“, побараа членовите на Здружението на глуви и наглуви лица на град Охрид, на денешната средба со претставниците на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Тие нагласија дека на овој потег често се движат пеш и со велосипеди одејќи на работното место и дека возачите на автомобили пребрзо се движат по коловозот со што и нивната безбедност како глуви и наглуви лица е доведена во опасност. Од Здружението нагласија дека е потребно и чистење на вегетацијата на овој потег.

Членовите на Здружението побараа од останатите возачи на патнички моторни возила доследно почитување на паркинг местата во градот што се посебно обележани за лицата со посебни потреби и нагласија дека официјалните членски картички што ги имаат само лицата со инвалидитет ги оставаат напред на видно место во возилото.

Како што беше речено на денешната работна средба, потребна е звучна сигнализација на сите крстосници каде се регулира движењето на пешаците. Воедно беше констатирана потребата од соодветни лепенки кои би се поставиле на видно место на патничките моторни возила управувани од лицата со одредена инвалидност.

Членовите на Здружението изразија благодарност до Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на град Охрид, за иницијативата да се одржи работната средба, што воопшто е прва од ваков вид.

„Средбата значи оддавање должно внимание на глувите и наглуви лица како посебна и ранлива категорија учесници во сообраќајот и е поврзана со заложбите на Општинскиот совет за подигнување на степенот на безбедност на сите учесници во сообраќајот, подигнување на јавната свест за потребите од повнимателно, поактивно, правилно и поодговорно учество во сообраќајот“, – нагласи претседателот на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата -Охрид, Стефан Димоски.

Сакавме да ги слушнеме проблемите со кој тие се соочуваат во сообраќајот но и забелешките, мислењата, ставовите и потребите на Здружението на глуви и наглуви лица насочени кон подобрување на нивната улога и безбедно учествово сообраќајот.

„Денешната средба значи продолжување на напорите на Општинскиот совет како општествено одговорен субјект, за унапредување на безбедноста на сообраќајот во Охрид, заштита на сите учесници во сообраќајот на патиштата и подигнување на степенот на безбедносната сообраќајна култура“, – изјави претседателот Димоски.