Известување за Програмата за техничка соработка на МААЕ за проектниот циклус 2018-2019

Целта на Програмата за техничка соработка на МААЕ е да им помогне на земјите членки во развојот на сопствените програми за одржлива примена на нуклеарни техники во мирновременски цели.

Проектите кои се предлагаат до МААЕ треба да претставуваат интегрален дел на националните секторски програми, со цел да дадат директен придонес во општествено-економскиот развој на земјата. Проектните активности треба да вклучат апликативни нуклеарни техники, а резултатите од проектите да се наменети за крајните корисници. Проектите не треба да вклучуваат базични научни истражувања и лабораториска инфраструктура, за кои што МААЕ распишува посебна програма, во чии рамки може да се аплицира континуирано: http://www-crp.iaea.org.

Помошта на МААЕ се реализира преку обезбедување на експертски услуги во соодветната област, обука на кадри вклучени во реализацијата на проектот во реномирани центри во земји членки на МААЕ, симпозиуми, семинари, и набавка на нова или надградба на постоечката опрема.

Предлог – проектите треба да бидат во согласност со Програмската рамка за техничка соработка меѓу Република Македонија и МААЕ (Country Programme Framework ), односно од областа на :

• Унапредување на здравствената заштита со примена на нуклеарни техники во дијагностика и радиотерапија;

• Унапредување на инфраструктурата за заштита од јонизирачко зрачење и нуклеарна безбедност;
• Безбедност на храна;

• Примена на изотопски техники во различни подрачја (екологија, ветерина, геологија, хидрологија и т.н.)

Според правилата на МААЕ, за проектите кои ќе бидат прифатени за финансирање, земјата членка е должна да уплати во Фондот за техничка соработка на МААЕ 5% од вредноста на проектот (National Participation Costs), од кои најмалку 2,5% мора да бидат уплатени пред започнувањето на проектниот циклус (1 јануари 2018 година). Ова е важен предуслов МААЕ да започне со финансирањето на проектните активности.

Формуларот за пријавување на проектната идеја (National Project Document Template), како и сите потребни информации во врска со подготвувањето и пријавувањето на проектната идеја може да се најдат на веб страницата: http://pcmf.iaea.org (Useful Links: PCMF Reference Desk). Целта е проектната идеја да се презентира во куса форма, а проектниот документ да се изготви со експертска подршка од МААЕ, откако ќе ја помине потребната евалуација од страна на соодветното техничко одделение на МААЕ.

Имајќи во предвид дека предлозите треба да бидат доставени до МААЕ најдоцна до 30 април 2016 година, крајниот рок за поднесување на истите до Министерството за образование и наука, Сектор за наука и иновации – Канцеларија за врски со МААЕ е 22 април 2016 година.

Лице за контакт: Јулијана Балевска, Национален офицер за врски со МААЕ, електронска адреса julijana.balevska@mon.gov.mk, тел. 3140 186.