„Министерството за одбрана на Република Македонија особено внимание му посветува на минатото на нашата земја и на односите кои низ годините зад нас ги градиме со нашите партнери и пријатели. Стратешкото партнерство и искреното пријателство на Република Македонија со Соединетите Американски Држави не се од понов датум, туку има многу настани кои се сведоци за истото.“ истакна Министерот за одбрана на Република Македонија за време на отворањето на изложбата на фотографии од Марл Ле Вој снимени на територијата на Македонија во периодот на 1917 и 1918 година на тема „Американскиот Црвен крст во Македонија за време на Првата светска војна“.
Министерот за одбрана ја изрази својата најдлабока благодарност до сите хуманитарци кои ја даваат својата поддршка таму каде што е најпотребна и додаде „Во справувањето со предизвиците кои се резултат на мигрантската криза Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија ја имаат предвид хуманоста и посветеноста кон доброто на луѓето. Тие вредности секогаш ќе бидат водилка во нашето дејствување со што најдобро ќе влијаеме и врз одбраната и безбедноста на граѓаните на Република Македонија“.
Во оваа прилика свое обраќање имаше и амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли кој истакна „Амбасадата на САД и македонското Министерство за одбрана имаат долготрајни меѓусебни односи. Соработуваме не само во областа на одбраната туку и на многу полиња и ние сме многу горди на партнерските напори“. Амбасадорот додаде дека изложбата се поклопува со времето кога Македонија и регионот имаат потреба од поддршката на Црвениот крст, чиј тим заедно со Владата на Република Македонија, организациите на Обединетите Нации и други обезбедуваат грижа и поддршка за бегалците кои бараат безбеден премин низ Македонија.
Директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев во своето обраќање упати посебна благодарност на Националниот музеј на здравство и медицина од Вашингтон, на г-ѓа Џудит Рејсон, на поддршката од Црвениот крст на Република Македонија и на Амбасадата на САД во Република Македонија. Тој додаде дека изложбата на фотографиите во Воениот музеј ќе трае наредните 60 дена.