Просечно по две деца се удавиле секој ден од септември 2015 година, додека нивните семејства се обидувале да го преминат источното Средоземно Море, а бројот на смртни случаи на деца е во пораст, велат ИОМ, УНХЦР и УНИЦЕФ. Агенциите повикуваат на зголемување на безбедноста за оние кои бегаат од конфликт и очај.
Од септември минатата година, кога трагичната смрт на малиот Ајлан Курди го привлече вниманието на светот, повеќе од 340 деца, од кои многу бебиња и мали деца, се удавиле во источното Средоземно Море. Вкупниот број деца кои починале можеби е уште поголем, велат агенциите, зашто нивните тела се изгубени во морето.
„Не смееме да го свртиме погледот од трагедијата на толку многу невини млади животи и изгубени иднини. Мора да се справиме со опасноста со која се соочуваат уште толку многу деца“, рече извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк. „Можеби сега не сме во можност да му ставиме крај на очајот што предизвикува толку многу луѓе да се обидуваат да го преминат морето, но, земјите можат и мора да соработуваат за тие опасни патувања да станат побезбедни. Никој не го става детето в чамец ако има побезбедна опција.“
Делот од Егејското Море меѓу Турција и Грција е една од најсмртоносните рути во светот за бегалците и мигрантите. Немирното море в зима, преоптовареноста и слабиот квалитет на чамците и опремата за спасување го зголемуваат ризикот од превртување, правејќи го патувањето многу поопасно.
„Овие трагични смртни случаи во Средоземното Море се неподносливи и мора да престанат“, рече Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди. „Јасно е дека се потребни дополнителни напори за борба против шверцот и трговијата со луѓе. Исто така, бидејќи многу од децата и возрасните кои починале се обидувале да им се придружат на своите роднини во Европа, организирањето начини луѓето да патуваат законски и безбедно, на пример, преку програми за преселување и обединување на семејството, треба да биде апсолутен приоритет ако сакаме да се намали бројот на жртвите“, додаде тој.
Генералниот секретар на ОН свика состанок на високо ниво за споделување на одговорноста во светот преку законски патишта за прием на сириските бегалци, кој ќе се одржи во Женева на 30 март.
Со оглед на фактот дека децата сега изнесуваат 36 отсто од луѓето во движење, можноста тие да се удават во Егејското Море при преминот од Турција во Грција пропорционално се зголеми. Во текот на првите шест недели од 2016 година, се удавиле 410 лица од 80.000 кои преминувале преку источното Средоземно Море. Ова е пораст од 35 пати за период од една година од 2015 година.
„Броењето на животите не е доволно. Мора да дејствуваме“, рече Вилијам Лејси Свинг, генерален директор на ИОМ во Женева. „Ова не е само медитерански проблем, па дури ни европски. Ова е хуманитарна катастрофа во пораст, која бара да се ангажира целиот свет. Земјотресот на Хаити во 2010 година не беше прашање само на една хемисфера, ниту пак цунамито во Југоисточна Азија во 2004 година. Тие несреќи беа пресретнати со голема хуманитарна акција. И оваа мора исто така.“