„Мост“ преку соопштение ја повика Државната изборна комисија да го прецизира правилникот за методологијата за целосен пристап, вршење промени и за бришење податоци во избирачкиот список, како и постапката за спроведување теренска проверка заради ажурирање за граѓаните да можат да ја разберат целата процедура.
„Во овој правилник недостига упатство за начинот, како и неопходните документи што граѓаните треба да ги поднесат при различни ситуации кои се појавуваат на избирачкиот список, а не се предвидени и опфатени со истиот. „Мост“ ја повикува ДИК да дејствува бргу, одговорно и транспарентно, имајќи ги предвид големиот број нејасности што ги увидоа граѓаните. Граѓанската асоцијација „Мост“ веќе 14 години укажува на неопходноста за прочистување на избирачкиот список. „Мост“ апелира до сите граѓани со право на глас да ги проверат податоците во избирачкиот список и доколку забележат какви било неправилности, веднаш да ги пријават во подрачните единици на ДИК или, пак, на бесплатниот телефонски број на „Мост“, 080-080-080, каде што ќе добијат соодветен совет“, пишува во соопштението на „Мост“.
Од граѓанската асоцијација додаваат дека по објавувањето на новата можност за проверка на податоците во избирачкиот список, по име и презиме и по адреса, се појавиле индиции за (не)точности, но и голем број нејасности за начинот на кој граѓаните можат за ги пријават нерегуларностите.
Извор: meta.mk