Средба на министерот Спасовски со Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар на САД

Денеска, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се сретна со Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар на САД. На средбата двајцата соговорници разговараа за политичката криза во Република Македонија и проблемот со мигрантите, а министерот Спасовски се заблагодари за поддршката што Република Македонија ја добива од САД во решавањето на овие проблеми.

Министерот Спасовски ја потенцираше и злоупотребата на етничките и верските симболи што се случува деновиве и може да има не само негативни политички и безбедносни импликации, туку и да ги поткопа процесите за фер, слободни и демократски избори. Сите субјекти треба да се воздржат од креирање на вештачки сценарија со кои се добиваат ефтини политички поени на сметка на безбедноста и сигурноста на граѓаните, истакна министерот Спасовски.

Двајцата соговорници се согласија дека политичката криза во Република Македонија може да се реши само со фер, демократски и кредибилни избори, а сите политички фактори треба да ја поддржат работата на институциите.

Воедно, беше разговарано и за миграциската криза, активностите и операциите кои се преземаат за справување со неа.