Македонската железница се врати на голема врата. Откако повеќе години во серија се намалуваше бројот на патници, како резултат на катастрофалната состојба и отсуството на стратегија за инвестирање, сега сликата е комплетно променета. Набавката на нови возови, вложувањето во железничката инфраструктура, реконструкцијата на железничките станици значително го подигнаа квалитетот на железничкиот транспорт, а резултатите се веќе видливи.
Македонската железница со нов сјај Како Влада во 2012-та година донесовме една крупна одлука за започнување голем инвестициски циклус во железницата, вреден повеќе од 600 милиони евра. Со него се опфатени купување нови возови и вагони, изградба на нови и реконструкција на постоечките пруги, рехабилитација и надградба на железничките станици и реновирање на халите за одржување на возовите, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Статистика ги потврди позитивните трендови!
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека сè повеќе граѓани ја користат железницата при својот транспорт. Во 2015-та со воз биле превезени 1.022.000 патници, што претставува зголемување на бројот на патници за над 200 илјади во однос на претходната година (803.000). Годишниот раст на бројот на превезени патници изнесува повеќе од 27%.
Анализата на Статистика покажува интересни трендови во железничкиот превоз на земјава. Само во последното тримесечје од 2015-та биле превезени 352 илјади патници, за 58,6% повеќе во однос на истиот квартал од 2014-та година (222 илјади).
Вкупно, во 2015-та биле превезени и 1.566.000 тони стока, што претставува пад во однос на претходната година кога биле превезени 2.376.000 тони, а ова се објаснува со зачестените штрајкови и блокади на железницата од грчка страна.
Набавени нови возови по највисоки стандарди
Во Македонија пристигна и третиот патнички воз од Кина. Се работи за втората дизел гарнитура. Ќе биде пуштена во сообраќај веднаш откако ќе завршат техничко – безбедносните проверки. Патничкиот транспорт значително ќе биде освежен кон средина на годинава, до кога се очекува да пристигнат сите шест возови (четири дизел и два електрични), со што ќе се заокружи инвестицијата тешка 25 милиони евра.
Децении и децении наназад чекавме кога по нашите пруги ќе возат модерни возови како во развиените земји. Тоа сега се случува, бидејќи ние она што го ветивме пред граѓаните го остваруваме, вели министерот за транспорт, Владо Мисајловски.
Новите возови се изработени од реномираниот кинески производител ЦРС и се опремени со електронска табла за управување, камери, монитори за кабината на машиновозачот, климатизација, електронски дисплеи за означување на станиците, вакуум-тоалети.
Вкупниот капацитет на шесте возови е 1.200 патници. Електричните композиции ќе возат по Коридорот 10, каде што е електрифицирана пругата, додека четирите дизел композиции ќе сообраќаат по пругите кои не се електрифицирани. Набаваката се реализираше со кредит од Европската банка за обнова и развој.
Жално е што ниту една Влада не се сетила на македонски железници, на македонските патници и станици, но горди сме што стартуваме со крупни проекти кои го подобруваат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија, вели лидерот на владејачката партија, Никола Груевски.
Со новите возови ќе се покријат 60% од линиите, но Владата веќе прави анализа како целосно да го обнови железничкиот сообраќај.
Правиме анализа да набавиме уште неколку воза, со што целосно ќе го обновиме возниот парк и ќе овозможиме сигурен, безбеден и квалитетен патнички превоз за нашите граѓани, вели министерот Мисајловски.
Товарните вагони – можност за бизнисот
Освен во патничкиот се инвестираше и во товарниот железнички транспорт. Веќе се набавени и пуштени во употреба новите товарни вагони, инвестиција вредна над 13 милиони евра.
Со новите товарни вагони се зголемува искористеноста на железницата, бидејќи како бизнисмени знаете дека стоката ќе стигне сигурно и навремено до крајната дестинација, вели бизнисменот Аце Антевски.
Од Владата, пак, велат дека го слушаат гласот на стопанствениците и дека секогаш се прават напори да им се излезе во пресрет.
Купувањето на нови товарни вагони беше едно од барањата на бизнис – заедницата и ова е потврда дека Владата работи со бизнисмените, односно дека секогаш кога има аргументирано барање, ние наоѓаме средства и начинкако тоа да го вклопиме во буџетите и да го реализираме за да и излеземе во пресрет на бизнис – заедницата, вели Ставрески.
Се вложуваат милиони за квалитетни пруги!
Освен во транспортот, се вложуваат милиони и во железничката инфраструктура. Се почна од Коридорот 10, бидејќи Македонија е транзитна земја и оваа пруга е од особена важност да биде со добар квалитет, што овозможува поголеми брзини, побрз транспорт на стока, што е од големо значење за бизнисот. Веќе се гради пругата од Битола до Грција, што ќе значи адут плус за индустриската зона Жабени.
Ова ќе значи побрз, поевтин и посигурен транспорт на стоките кои ги испорачуваат македонските компании на пазарите во Африка и во Азија, а од друга страна, ова ќе значи и подостапни и поевтини суровини за нашите компании, објаснува Сашо Илковски од ИЗ Жабени.
Активно се гради и пругата кон Бугарија, односно Коридорот 8, што беше ветување од многу гарнитури досега, но проектот од хартија во реалност го преточува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Градежните работи на првата делница се во тек, годинава ќе се објави повикот за избор на градежна компанијата за втората делница, по што следува и третиот дел до границата со Бугарија. Се очекува целата пруга да биде готова до 2022-та година. Веќе се работи на проектирање на пругата кон Албанија.
Паралелно, заврши реконструкцијата на железничката станица во Скопје, а се работи и на другите станици во земјава. Во овој дел, вкупно се инвестираат 5 милиони евра.