Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска до 11 март, 2016 година, престојува во работна посета на Баку, Република Азербејџан, по повод учеството на 4. Глобален Баку форум, во организација на меѓународниот центар Низами Ганџави.
Претседателот Иванов ќе се обрати на пленарната сесија на форумот, на тема “Состојбата на светот денес и што треба да направиме за клучните предизвици”.
За време на работната посета, предвидено е претседателот Иванов да оствaри повеќе средби со учесниците на форумот.
На глобалниот форум ќе учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, како и од бизнис заедниците. Главни теми на собирот се мигрантската и бегалската криза, мултикултурализмот и прашањата за интеграцијата, меѓуверскиот дијалог, состојбите во Украина и преземање на глобална одговорност за Сирија.