Јолевски – Катиќ: Интензивната соработка и интеграцијата во НАТО се најдобар одговор за предизвиците во регионот

Билатералната и регионалната соработка како и интеграцијата во НАТО – алијансата се клучот за одржување на безбеден и стабилен регион, регион кој има капацитет да се справи со современите предизвици, заклучија на денешната средба во Љубљана, министрите за одбрана на Македонија и Словенија, Зоран Јолевски и Андреја Катиќ.

Во рамките на работната посета на Словенија, министерот Јолевски се заблагодари на својата словенечка колешка за безусловната поддршка на патот на Македонија кон НАТО алијансата и побара истата да продолжи и да се интензивира во очи самитот на Алијансата во Варшава, оваа година.

„Македонија ги исполни сите критериуми за членство, а дава и сериозна поддршка кон мисиите на Алијансата. Со еден збор, Македонија заслужува да биде поканета во НАТО“, истакна министерот Јолевски на средбата. Министерката Катиќ експлицитно на средбата и на прес-конференцијата истакна дека Словенија целосно ја поддржува интеграцијата на Македонија во НАТО.

Воедно, на состанокот министерот Јолевски истакна дека е задоволен од развојот на билатералната соработка помеѓу двете земји, особено во областа на военото образование и заедничките вежби.

„Реализацијата на вежбите на армискиот полигон „Криволак“ ни помага да ја развиеме меѓусебната интероперативност, како и интероперативноста со НАТО-алијансата“, додаде министерот. Министерот Јолевски упати покана за учество во регионалните центри во Македонија, меѓу кои и НАТО-центарот за односи со јавноста, како и за упатување на припадиници на словенечката армија на школување во Воената академија во Скопје.

Соговорниците разговараа и за Стратешкиот одбранбен преглед, кој е во фаза на изработка во Министерството, при што министерката Катиќ изрази подготвеност за помош во размена на искуства и експерти.

Осврнувајќи се на предизвиците од мигрантската криза, министрите Јолевски и Катиќ посочија дека е потребно сеопфатно заедничко решение кое ќе го гарантира хуманиот третман на мигрантите, но истовремено ќе помогне во одржувањето на безбедноста на граѓаните во земјите од регионот. Во тој контекст министерот Јолевски додаде дека е потребна сеопфатна стратегија за решавање на мигрантската криза во која ќе бидат вклучени сите европски земји и Турција за целосно решавање на овoj предизвик кој го зафати континентот.