Ако Република Македонија може да излезе од актуелниот политички ќорсокак, да одржи слободни и фер избори и со потребните реформи да се врати на вистинскиот пат, тогаш не треба да има понатамошни пречки за започнување на разговорите за пристапување во Европската Унија, се вели во Резолуцијата, која денеска со 404 гласови „за“, 76 „против“ и 29 „воздржани“ беше изгласана од европратениците во Стразбур.
„Земјата се наоѓа во критичен момент – не само што премногу долго чека пред вратата на ЕУ како земја кандидат, туку се соочува и со предизвикот на илјадници бегалци на нејзините граници. Дојде време да се направи нов исчекор кон евроатланските интеграции и да се започнат преговорите за членство во ЕУ, доколку изборите се одржат во согласност со демократските стандарди“, – истакна известувачот, Иво Вајгл.
Во Резолуцијата се повикуваат политички лидери во Република Македонија во целост да ги спроведат Јунскиот договор и итните реформи, што ќе помогне да се надмине политичката криза, да се подготват слободни и фер избори закажани за 5 јуни и да се отвори патот за почеток на пристапните преговори со ЕУ, што се чекаат една цела деценија.
Истовремено, се оддава признание на нашата земја дека „постапила како одговорен партнер во справувањето со огромниот прилив на мигранти и бегалци“, имајќи предвид дека над 500.000 лица транзитирале низ неа минатата година и во тој контекст се повикува Европската комисија да обезбеди поголема поддршка за граничното управување.
Европратениците, исто така, ја изразуваат својата загриженост во врска со раширената корупција, особено во државната и локалната администрација, јавните набавки и финансирањето на политичките партии, и бараат од Владата неселективен пристап во борбата против корупцијата.
Покрај седмата последователна препорака за почеток на преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, Европарламентот во посебна Резолуција, го поздрави и напредокот на Црна Гора.