Во рамки на работната посета на Виена – Австрија, а како дел од планираните средби, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, во текот на вчерашниот ден се сретна со група угледни членови на виенското општество, во организација на почесниот конзул на Македонија во Австрија, Сузан Родлер и нашата амбасадорка во Виена, Василка Попоска – Тренеска. На средбата беа присутни банкари, адвокати, архитекти, лекари, политичари, бизнисмени и други видни луѓе од високите кругови на Виена.
Градоначалникот Бакрачески имаше успешна презентација на охридското културно и природно наследство како и на туристичката понуда на градот, но во исто време беа претставени и потенцијалите на Охрид како дестинација за живеење која би била интересна за присутните во одреден период годината.
На средбата е прецизиран датумот 22 април за одржување на најавената голема промоција на Охрид пред најголемите Тур оператори и новинари за туризам во Австрија, во организација на општина Охрид заедно со амбасадата и почесниот конзул, а веднаш потоа во месец мај ќе следи промотивна тура на група од Виена кои ќе ги предводи Сузан Родлер.