Обука за Граничната полиција за анализа на ризици и за новиот Концепт за управување со ризици

Во рамки на проектот финансиран од ЕУ за „Понатамошна институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата во областа на граничното управување, работата на полицијата со заедницата и борбата против организираниот криминал“, од 7 до 11 март во Центарот за обука во Идризово, се одржа интензивна обука за Анализа на ризици во сферата на граничната контрола, како и за новиот Концепт за управување со ризици. Функционален и добро организиран систем за гранична безбедност кој е во согласност со условите на Шенгенскиот договор и на Европската унија, е еден од предусловите во процесот на интеграција на земјата во ЕУ.

Европскиот совет ја посочи централната улога на Анализата на ризици и го нагласи значењето на создавање на интегриран Модел за анализа на ризици, врз кој ќе се заснова Интегрираното гранично управување. Според тоа, една од целите на проектот е да спроведе квалитетни обуки за гранично управување според востановените стандарди на ЕУ. Обуките се спроведуваат од страна на искусните професионалци и инструктори, г-дин Дарјо Цизел од Словенија и Гидриус Стрикулис од Литванија, и двајцата со повеќе од 10 години искуство во сферата на анализа на ризици во граничното управување и контрола. „Безбедноста на нашите граници е во директна зависност од анализата на ризици, и затоа од особено значење е да се одржат високи стандарди и квалитет во остварувањето на оваа задача на дневна основа.

Оваа обука на граничните полицајци им овозможува стекнување пошироко теоретско, но и зајакнато практично знаење,“ нагласи г-дин Дарјо Цизел. Вкупно 12 полициски службеници од Гранична полиција, од централно и регионално ниво, мобилните едници на Граничната полиција, од Националниот координативен центар за гранично управување и Секторот за криминалистичко разузнавање и анализа, беа обучени да станат обучувачи за Анализа на ризици и Управување со ризици. 

„Примарна цел на оваа обука е првенствено да се надгради постоечкото искуство на граничните полицајци во сферата на анализа на ризици, како и да овозможи детален увид во новиот Концепт за управување со ризици кој беше изработен според најдобрите ЕУ практики во оваа област. Посебна карактеристика на оваа обука е дека е обмислена на начин што обучените полицајци ќе станат обучувачи на своите колеги. Овој пристап овозможува одржливост и континуитет,“ посочи Гидриус Стрикулис.

Во текот на оваа работна недела ќе се одржуваат каскадни обуки во четирите регионални центри на Граничната полиција – во Скопје, Охрид, Кавадарци и Делчево, кои ќе бидат спроведени од страна на обучените полицајци, под водство и со поддршка на меѓународните експерти. Следствено, во иднина ќе се организираат и редовни обуки за граничните полицајци на работното место.