Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „измама” и „злоупотреба на службена положба и овластување” полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против П.А. (48) од струшкото село Заграчани.
Пријавениот, на почетокот на минатата година, во својство на службено лице вработен во општина Струга, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на своето службено овластување, на лице од Струга му ветил измена на урбанистички план за катарстарска парцела за што противправно примил 12.500 евра.
П.А. најнапред како раководител на одделението за административна подршка на советот, а од мај 2015 како раководител на секторот за инспекциски надзор, со цел да стекне противправна имотна корист, го довел во заблуда Ф.Р. од Струга ветувајќи му дека може да изврши измена на урбанистичкиот план на парцелата бр. 1922 КО Струга.
Тој на оштетениот му ветил дека наместо предвидените објекти за индустрија, на катарстарската парцела може да упише објекти за станбено домување кажувајќи му дека така поднесената иницијатива поминала на Совет на општина Струга. Иако знаел дека тоа не е вистина, пријавениот П.А. побарал и во три наврати примил вкупно 12.500 евра.