Македонските вина презентирани на саемот „Провајн“ во Дизелдорф

Девет македонски винарии („Тиквеш“, „Сковин“, „Стоби“, „Далвина“, „Бовин“, „Камник“, „Езимит“, „Попов“ и „Сопот“) веќе трет ден се дел од најголемиот интернационален саем за вино „Провајн“, кој во периодот 13-16 март се одржува во германскиот град Дизелдорф. На македонскиот национален штанд на саемот, нашите винарии ги презентираат своите вина пред дистрибутери, увозници и други професионални купувачи на вино од целиот свет. „Провајн“ е водечки меѓународен саем за вино и алкохолни пијалоци во Европа и место на кое своите вина ги промовираат 50 вински земји во светот, а за неговата големина говори и фактот што секоја година низ штандовите на „Провајн“ минуваат 50.000 професионални посетители од целиот свет.

Кога е во прашање нашето претставување, за одбележување е и тоа што во рамките на саемот на македонскиот штанд се организираа и семинари и дегустации за „Вранец“ водени од Дарел Џозеф, вински судија и промотер на вината од земјите од Југоисточна Европа.

Инаку, учеството на македонските визби на „Провајн“ го организира здружението „Вина од Македонија“, кое продолжува со активностите за промоција и градење на брендот на македонското вино на интернационалните пазари. Тоа, секако, е случај и со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое во рамките на Програмата за рурален развој и оваа година го поддржа учеството на македонските винарии на „Провајн“, со закуп на просторот и со уредување на штандот на саемот.

Foto_0