Министерството за образование и наука започнувајќи од крајот на 2015 година презема чекори за креирање на нов релевантен стратешки документ во делот на образовните политики.
Целта е да се надминат идентификуваните слабостите на Националната програма за развој на образованието 2005-2015. Јасната поставеност на одредниците и одговорностите во новата Стратегија за образование 2016-2020 ќе овозможи постојано следење на динамиката за исполнување на зацртаните образовни цели, но и повратна информација како да се адаптираат идните образовни политики.
Планирана е целосна вклученост на донаторските партнери, на социјланите партнери и на Невладините организации во процесот на носење на новата Стратегија за образование 2016-2020.
Министерството за образование и наука формира работни групи во делот на предучилишно образование, основно образование, средно образование, стручно образование и обука, образование на возрасни и високо образование и истражување. Во сите групи, како хоризонтални прашања ќе се опфатат: инлузивноста по сите основи, обезбедување на квалитет во образованието и поврзаност со пазарот на труд. Новата Стратегија за образование 2016 – 2020 ќе придонесува кон унапредување на системот што одговара на потребите на учениците, училиштето, локалната заедница, бизнис заедницата и општеството во целина.
Министерството за образование и наука во рамки на можностите од Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013, од Приоритетната оска 2: Образование и обука, обезбеди проект за поддршка при подготовка на добро дизајнирани образовни политики.
Согласно воспоставените ИПА процедури, новиот рамковен договор „Техничка помош за подготовка на сеопфатна Стратегија за образование 2016-2020“ започна на 26 февруари 2016 година. Реализацијата на проектот е предвидено да се одвива во период од 12 месеци, за чиишто период ќе се засили координацијата на сите значајни чинители во образованието и тоа на транспарентен и партиципативен начин. На тој начин и со партиципативна методологија ќе се овозможи креирање на нови образовни политики препознаени од сите и што се однесуваат за сите. Воедно, приоритет е потребата од квалитетно образование за сите: деца, млади и возрасни, што ќе овозможи градење на општество базирано на знаење.