Со свечена приредба вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Основното училиште „Живко Чинго“ од Велгошти го одбележа својот патронен празник.
На свеченоста покрај родители, ученици, наставници, директори од основни и средни училишта, присуствуваа и секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, заменик-градоначалникот Анел Јанев, како и советници од Општината.
Пред присутните се обрати директорот на ОУ „Живко Чинго“, Ѓоко Чингоски, кој најпрво на сите им посака добредојде на оваа јубилејна свеченост, 140 години од постоењето на ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти.
„140 години историја, 140 години училиште во Велгошти – наша гордост, наш извор на вистината, наше огниште. Велат дека луѓето се ценат по образованието, а јас би додал дека треба да се ценат оние кои го одржуваат огнот, оние кои низ вековите го пренесуваат словото. „Се стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше живот и животот им беше светлина на луѓето.“ Не е нескромно доколку кажеме дека Велгошти е гнездо на образованието, Велгошти е оган што ние заедно го одржуваме, ученици, наставници, и Вие сите овде присутни. Да не дозволиме тој оган да згасне, да го пренесеме распламтен низ вековите, да бидеме горди, да бидеме дел од историјата.
Веќе 140 години ОУ „Живко Чинго“ е расадник на образовани и воспитани млади генерации, кои понатаму успешно и сигурно чекорат во животот, притоа следејќи ги современите трендови и промени во образовниот систем. Императив во нашето работење и наша единствена определба се постојаното подобрување на условите за настава и работа, обезбедување квалитет во реализација на воспитно – образовниот процес, внесувањето иновации во наставата, како и стручното усовршување на наставниот кадар.
Со сигурност може да се каже дека условите за настава и работа во ОУ „Живко Чинго“ се на завидно ниво, односно ги следат светските трендови. Ние како училиште постојано ги поддржуваме спортските настани со наше учество, а исто така и самите сме организатори на спортски настани. Од ќелиско училште со 35 ученици, денес прераснато во вистински воспитно – образовен центар, училиштето во Велгошти е наша гордост. Да не ги заборавиме првите учители пред 140 години кои со жар и занес го пренесувале словото, да не ги заборавиме сите учители кои еден до друг 140 години го носеле факелот на мудроста во Велгошти. Да не ги заборавиме денешните учители кои со трепет и дух исконски ги прегрнуваат своите ученици. Да не Ве заборавиме сите Вас, кои со блесок 140 години ја пренесувате иднината во Велгошти.“ – истакна директорот Чингоски.
Чингоски на најуспешните ученици им врачи награди, како и благодарници на заслужните субјекти.
Во продолжение на прославата следуваше богата програма во изведба на учениците од ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти.
Инаку, во текот на денешниот ден делегација на ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти положи свежо цвеќе пред споменикот поставен во дворот на училиштето.
WebOhrid/А. Андриоски