Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, вчера беше помеѓу граѓаните на Струга и околните села.
„10 години ништо не е променето. Власта на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не остави во заборав“, велат изнемоштените лица на коишто им се гледа тежината што ја носат на себе.
„На ова што сега се случува, мора да му дојде крајот. Се е партизирано, граѓаните имаат проблеми, а никој не се грижи за тоа,“ велат жителите револтирано.
„На Македонија и требаат промени. Да станеме држава којашто ќе ги зачува овие млади тука. Да се свртиме кон граѓаните и нивните потреби, да се свртиме кон нашите села и градови. Парите да не ги трошиме на споменици, туку за граѓаните“, рече Шекеринска.
Шекеринска потенцираше дека главниот акцент во Програмата на СДСМ е подобар живот за сите, отворање на нови работни места со достоинствени плати.
„Имаме серија на мерки за отворање на нови работни места, пред се за младите. 20-30 милиони евра во првата година од мандатот, до 50 милиони евра во четвртата година, ќе одвојуваме за поддршка на малите и средни претпријатија низ цела Македонија. Преку регионални бизнис инкубатори, ќе обезбедиме неповратни 10.000 евра за сопствен бизнис на младите. Минималната плата ќе ја зголемиме, а просечната ќе достигне до над 29 илјади денари“, рече Шекеринска.
Зборувајќи за актуелните случувања Шекеринска рече дека се потврди се она што го покажа и Вистината за Македонија, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги краделе изборите.
„Речиси половина милион имиња и презимиња ќе треба да се проверат. Тоа потврдува се. Научиле многу да крадат, не само пари од буџетот туку да го крадат и правото на граѓаните на слободен глас,“ рече Шекеринска.
„Затоа нема да дозволиме уште едни криминални избори. Заедно со вас граѓаните Македонија ќе ја направиме подобро место за живеење за сите. Оние што краделе пари или гласови мора да одговараат, а парите да ги вратат назад, кон граѓаните“, рече Шекеринска.
Со заменик претседателката Шекеринска во Струга и струшко беа и претседателот на Комисијата за култура, Роберт Алаѓозовски, како и пратеникот Јован Митрески.